Skip to main content

Грчки тренер го снадбувал својот кревач на товар со допинг стимуланси

За набавка и снабдување на спортисти со забранети допинг-супстанции, уапсен е 58-годишен тренер по кревање тегови во Грција, а при претресот биле пронајдени и запленети над 800 забранети таблети и ампули, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека од повеќемесечната и детална истрага, спроведена во соработка со Организацијата за борба против допинг и Националната организација за лекови, осомничениот, во својство на тренер по кревање тегови, од април 2024 година набавувал и им давал забранети допинг-супстанции на спортисти.

Во текот на истрагата бил откриен и случај во кој забранета супстанција му била дадена на малолетен спортист за време на натпревар и кај него била откриена супстанција што е забранета, согласно листата на Светската антидопинг организација.

Тогаш, им биле изречени казни за суспензија и на обвинетиот тренер и на спортистот.

При претресите во стан и во простории на спортски објекти на различни локации во областа Атика, биле пронајдени и запленети: 871 парче нелегални фармацевтски препарати и допинг-супстанции, во форма на таблети и ампули; 17 спортски легитимации; рачно напишани белешки; мобилен телефон и 15.000 евра.

– Според Националната организација за лекови на Грција, запленетите фармацевтски препарати немаат одобрение за грчкиот пазар и се оценети како штетни за здравјето на корисниците, соопштија од грчката полиција.

Уапсениот тренер ќе биде изведен пред надлежен обвинител.

Грчките медиуми, објавија дека станува збор за Одисеас Димас, брат на поранешниот грчки и олимписки шампион во кревање тегови, Пирос Димас.

Поврзани вести