
Во рамки на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО #14, на 13 мај во 19:00 часот во Театарот за деца и младинци ќе се одржи изведбата на перформансот CODOMESTICATION на Крот Јурак и Алекс Бејли (Естонија/Велика Британија, моментално базирани во Австрија).
CODOMESTICATION е перформанс на деца и возрасни, што им се обраќа на возрасните. Првично создаден заедно со нивното мало дете, проектот се развива преку работилници и локални изведби како дел од турнејскиот концепт showing without going, во рамки на проектот „(M)others on tour“.
Во Македонија, локалната верзија е ко-креирана и изведувана од актерката Симона Спировска – Костовска со нејзините деца, а првата изведба се случи минатиот ноември на затворањето на Performance Platform Festival на Локомотива.
Перформансот ја поставува грижата, меѓузависноста и секојдневното пре/договарање во неговото јадро, отворајќи прашања за авторството, моќта и условите за создавање уметност. Делото ги преиспитува границите меѓу приватното и јавното, меѓу животот и работата, и предлага поинакво разбирање на уметничкото производство — она што произлегува од домашните реалности, заедничкото време и односите на грижа.
Во контекст на ПРВО ПА ЖЕНСКО #14, CODOMESTICATION го отвора прашањето на мајчинствувањето како колективна, креативна и политичка пракса што ги преобликува уметноста и секојдневието.
Проектот ја нагласува важноста на работните услови во културата и прашува кој има можност да создава уметност и под кои околности. Без структурна поддршка, многу гласови — особено оние на мајките и негувателките — остануваат маргинализирани во културниот простор.
Изведбата се реализира во соработка со Performance Platform Festival #PPF и Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

Македонски



