Skip to main content

Обвинителството бара осудителна пресуда за полицајците во случајот „Пулс“, пресуда на 5 мај

МИА

Со завршни зборови денеска беше заокружена судската постапка против тројцата полицајци обвинети за пропусти поврзани со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Обвинителството побара Судот да донесе осудителна пресуда, додека одбраната инсистира дека во текот на постапката не е докажана вина.

Обвинителката Спасенка Андонова истакна дека во текот на судењето биле изнесени бројни докази кои, според неа, јасно укажуваат на пропусти во постапувањето на обвинетите при спроведување на увидот во дискотеката.

„Суштината на завршниот збор беше да се потенцираат пропустите како полициски службеници, кои придонеле за остварување одредена корист за правното лице, а тоа воопшто не било евидентирано во записникот од увидот“, изјави Андонова.

Од друга страна, одбраната тврди дека обвинетите постапувале согласно планот за дејствување и дополнителните насоки, поради што, според нив, нема основ за кривична одговорност.

Адвокатот Гоце Ристов посочи дека обвинителството не презентирало докази кои би покажале кој конкретен стандард или подзаконски акт бил прекршен.

„Не беше утврдено кој пропис е повреден, за обвинетите да можат да сносат одговорност за делото за кое се товарат“, рече Ристов.

Според обвинението, во периодот од октомври 2023 до февруари 2024 година, обвинетите како полициски службеници не постапиле согласно утврдениот план при увид во дискотеката „Пулс“, а во записникот внеле податоци за правно лице кое не било активно.

Судот одлуката за овој случај ќе ја соопшти на 5 мај.

Поврзани вести