Skip to main content

Одбиено барањето на Камчев за враќање на 1,5 милиони евра во „Рекет“, одлучи Врховниот суд

МИА архива

Врховниот суд донел одлука дека бизнисменот Јордан Камчев нема право да бара надомест од 1,5 милиони евра во граѓанска постапка поврзана со предметот „Рекет“, оценувајќи дека тој не може да се смета за оштетена страна во случајот.

Како што објави Призма.мк, петмина врховни судии одлучиле дека нема правен основ Камчев да ги побарува средствата што тврди дека ги дал, откако претходно преку својот адвокат побарал ревизија на одлуките на пониските судови кои ја одбиле неговата тужба.

Во 2022 година, Камчев поднесе тужба против Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец, како и против поранешното Специјално јавно обвинителство, барајќи солидарно враќање на средствата за кои тврди дека биле дадени како „рекет“, но подоцна се повлече од дел од тужбените барања.

Во образложението на пресудата, Врховниот суд наведува дека тужителот учествувал во „морално недопуштено договарање“ со тужените, со цел да си ја олесни правната положба во предметот „Империја“, поради што нема право на враќање на средствата. Судот посочува и дека кога двете страни се несовесни, ниту една не може да бара поврат на даденото.

Исто така, се оценува дека исплатата на средства претставува кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, а евентуално обештетување би го нарушило интегритетот на правосудниот систем.

Со оваа одлука, Камчев е задолжен да ѝ плати на Катица Јанева 52 илјади денари за трошоци за одговор на ревизијата.