
Народниот правобранител изразува длабока загриженост по повод информациите во јавноста за случај на сериозно врсничко насилство извршено од група ученици врз нивна соученичка, кој содржи елементи на физичко и психичко малтретирање, понижување и деградирачко постапување.
Ваквите настани претставуваат тежок облик на повреда на правата и достоинството на детето и укажуваат на сериозни слабости во системот на превенција и заштита од насилство во образовните установи.
Иако според достапните информации, надлежните институции презеле одредени активности, Народниот правобранител укажува дека формалното постапување не е доволно. Неопходно е да се обезбеди целосна, навремена и координирана заштита на детето жртва, како и да се утврдат сите околности и евентуални пропусти во постапувањето на надлежните субјекти.
Особено се нагласува потребата од спречување на секундарна виктимизација на детето, преку внимателно и стручно постапување, избегнување на повеќекратни сослушувања и заштита на приватноста и достоинството на жртвата.
Народниот правобранител со сериозна загриженост го следи случајот на брутално врсничко насилство меѓу ученици, за што отвори предмет по сопствена иницијатива и ќе побара детални информации од сите надлежни институции, вклучително и од училиштето, со цел да се утврди:
• дали биле преземени сите потребни мерки за превенција и навремена заштита,
• дали постоеле претходни индикации за насилство и како било постапено по нив,
• како се обезбедува тековната заштита и поддршка на детето жртва,
• и дали се преземаат соодветни мерки во однос на сторителите.
Воедно, Народниот правобранител упатува апел за поголема родителска одговорност и грижа за децата, имајќи предвид дека воспитната и заштитната улога на семејството е клучна во спречувањето на насилното однесување. Родителите имаат обврска активно да го следат однесувањето на своите деца, да препознаваат ризици и навремено да реагираат.
Истовремено, се укажува на значајната улога на центрите за социјална работа како органи надлежни за заштита на правата и најдобриот интерес на детето. Потребно е овие институции да постапуваат проактивно, навремено и координирано, преку преземање мерки за поддршка на семејствата, работа со децата во ризик и спречување на понатамошни штетни последици.
Заштитата и грижата за децата мора да биде сеопфатна, континуирана и заснована на заедничка одговорност на сите чинители во општеството.
Воедно, Народниот правобранител апелира до надлежните институции да постапуваат со највисок степен на итност и одговорност, имајќи го предвид најдобриот интерес на детето како водечки принцип.
Безбедноста на децата не смее да се сведе на формално исполнување на обврските, туку мора да значи реална, ефективна и суштинска заштита.
Народниот правобранител ќе продолжи внимателно да го следи случајот и навремено ќе ја информира јавноста за утврдените наоди и преземените активности.
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ

Македонски


