
Шефот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, синоќа ја изрази својата намера и по 15 мај, кога му истекува мандатот, „на неодредено време“да остане во одборот на Централната банка на САД , бидејќи администрацијата на претседателот Доналд Трамп спроведува, според него, невидени правни напади против оваа институција кои се „без преседан“.
Се плашам дека тие удри ја погодуваат оваа институција и на ризик ги изложуваат работите што се од вистинско значење за јавноста, рече Пауел на прес-конференција откако Федералните резерви објавија дека нема да ја променат својата главна каматна стапка.
Одлуката на Пауел да остане во одборот му ја одзема на Трамп шансата да го пополни испразнетото место во одборот од седум члена на централната банка со својот кандидат.
Банкарскиот комитет на американскиот Сенат претходно го одобри наследникот на Пауел за гувернер на централната банка, Кевин Ворш, кој беше номиниран од Трамп, а гласањето беше по партиска линија. Пауел ќе остане гувернер на ФЕД, веројатно до јануари 2028 година.
Варш вети дека ќе изврши „промена на режимот“ во централната банка и би можел да направи значајни промени во економскиот модел на ФЕД и нејзините комуникациски стратегии. Тој се заложи за намалување на каматните стапки, како што бара Трамп, но тоа веројатно ќе биде тешко да се постигне со инфлацијата што сега е три проценти – над целта на ФЕД од два проценти.
Одлуката на Пауел да остане во одборот на ФЕД би можела дополнително да ги влоши тензиите со администрацијата на Трамп и да создаде она што аналитичарите го нарекуваат „сценарио на двајца папи“ – во кое поранешен и сегашен гувернер на ФЕД седат во одборот. Во тој случај, може да има подлабоки поделби меѓу креаторите на економските политики ако некои од нив изберат да го слушаат Пауел, а не Ворш.
Изборот на Ворш беше овозможен со прекинот на федералната истрага на администрацијата на Трамп за Џером Пауел, услов што го постави републиканскиот сенатор Том Тилис за да обезбеди потребно мнозинство гласови за Ворш во Банкарскиот комитет на Сенатот.
Американската обвинителка за округот Колумбија, Џанин Пиро, минатата недела на Икс напиша дека нејзината канцеларија ја прекинува истрагата за обемното реновирање на зградата на Федералните резерви, кое беше насочено кон Пауел, и дека генералниот инспектор на Федералните резерви ќе го преземе надзорот. Сепак, таа додаде дека истрагата ќе биде повторно отворена „доколку фактите го оправдуваат тоа“.
Со голема веројатност, ова не било доволно за Пауел да смета дека прашањето е завршено.
Чекам истрагата навистина да биде завршена – конечно и транспарентно. Чекам на тоа, а потоа ќе заминам кога ќе почувствувам дека е соодветно, рече Пауел.

Македонски


