Skip to main content

Матурантите годинава ќе полагаат три различни матури, првиот датум е 6 јуни

Министерство за образование и наука

Во тек се подготовките за реализацијата на државната матура во општините во земјата и активностите се во завршна фаза. Останува да се средат набљудувачите и тестаторите и да пристапат како лани на одржување на државната матура – истакна денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која одговараше на новинарски прашања во Штип по означувањето на почетокот на функционирање на Центарот за кибербезбедност во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Матурантите годинава ќе полагаат три различни типа завршен испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура. Промената доаѓа во согласност со новиот Закон за средно образование, со цел испитите да бидат приспособени на тоа што учениците навистина го изучувале во текот на четиригодишното образование.

Првото полагање за сите матуранти е закажано за 6 јуни. Гимназијалците тогаш ќе избираат меѓу англиски, француски, германски, руски или италијански јазик, математика или историја. Вториот екстерен испит, мајчин јазик и литература, за нив ќе се полага на 11 јуни.

Учениците од средните стручни училишта на 6 јуни ќе избираат меѓу англиски јазик и математика, додека испитот по мајчин јазик и литература ќе го полагаат на 12 јуни. Истиот датум, 12 јуни, важи и за учениците од уметничките училишта за испитот по мајчин јазик и литература, а нивниот прв екстерен испит ќе биде на 6 јуни, со избор меѓу англиски јазик и историја.

Министерката Јаневска истакна дека матурантите лани за разлика од претходните години покажале подобри резултати и се надева дека ќе има помалку употреба на недозволени активности од учениците, и со државната матура да нема никакви проблеми годинава.

Министерката за образование и наука, истакна дека контролите за време на полагањето на државната матура се предвидени по процедура и, како што рече, станува збор за интегритет на луѓето кои ја спроведуваат.

Јас се надевам дека од година во година тоа ќе биде се поуспешно-рече Јаневска.

Таа истакна дека се зголемува и бројот на училишта што ја воведуваат едносменската настава, но расте и бројот на училишта кои се оптимизираат, а како што посочи Јаневска тоа е одлична вест за нашата држава.

Во моментов таму каде што е најгусто населението или најголем бројот на ученици се уште сме во фаза на доградба на капацитети за спроведување на едносменската настава. Последното училиште кое јас го посетив во правец на едносменска настава, кое ќе почне од септември е училиште во општина Ѓорче Петров. Но, истото се случува, во фази и во други општини, рече Јаневска.

Министерката за образование и наука, Јаневска истакна дека досега 200 училишта во државата се премината на едносменска настава.

Поврзани вести