Skip to main content

Денови на македонските кореографии во рамките на „Танц фест“

Драган Перковски / Сцена од претставата „Ремикс 0.2“

Културниот центар Интерарт и Националната опера и балет во рамки на „Танц фест 2026“ денеска ги организираат Скопје танцовата платформа и вторите Денови на македонски кореографи. На сцената на НОБ ќе бидат изведени претставите „Тивкиот апсурд“ во кореографија на Саша Евтимова, копродукција помеѓу НОБ и Скопје танцовиот театар, и „Ремикс 0.2“ на Адријана Данчевска.

-„Тивкиот апсурд“ произлегува од потребата на кореографката да го истражи моментот кога работите речиси функционираат, но никогаш целосно. Танчарите се обидуваат да воспостават ред, да се синхронизираат, да пронајдат логика. Но секогаш нешто им излегува од контрола. Токму во тој обид се појавува апсурдот — не како хаос, туку како состојба во која сè е „речиси“ на своето место. Преку движење, текст и хумор, се отвора простор каде несовршеноста станува искрена, а недоразбирањето човечко – соопштија организаторите.

Кореографијата и костимското решение за претставата се на Саша Евтимова, а настапуваат Нина Петрушевска, Михаела Колцункова, Наѓа Луканова, Теона Ѓуровска, Миа Петровиќ, Ивона Манасијевска, Елена Терзиева, Марија Андонова, Мила Ангелова.

Втората претстава што ќе биде изведена вечерва е „Ремикс 0.2“ во кореографија на Адријана Данчевска-Ровчанин, на музика на Александар Гроздановски, а настапуваат Тереза Лазарев и Нина Петрушевска.

„Ремикс 0.2“ ја истражува комплексната релација помеѓу женското тело и општествените улоги што му се наметнуваат – негувателка, заводничка, борец, ранлива фигура. Делото ги третира овие улоги како слоеви што постојано се менуваат, како костими што телото ги носи и ги оттурнува. Преку физички интензивен и сензуален сценски јазик, претставата ја открива тензијата помеѓу личниот идентитет и општествените проекции. Телото станува поле на трансформација – истовремено силно и ранливо, отпорно и изложено. Движењето функционира како реакција на невидливите притисоци што го обликуваат женското постоење, отворајќи простор за прашања за слободата, контролата и вистинскиот идентитет – се наведува во соопштението.

По изведбите во НОБ, во 21 часот во Македонскиот народен театар следува претставата „RIDGES“, копродукција во рамки на платформата „Moving Balkans“, која ги спојува традиционалните танцови корени на Балканот со современ кореографски јазик. Копродуценти се Албански танцов состанок (Тирана), Танц фест Скопје/ Културен центар Интерарт (Скопје), Тједан сувереног плеса/ Хрватски институт за покрет и плес (Загреб).

„RIDGES“ црпи инспирација од традиционалните танци, ритми и атмосфери на Албанија, Хрватска и Македонија; кореографијата ги трансформира наследените движечки јазици во современ физички дијалог. Движењето на нозете со остри акценти, кружните траектории што се шират и се собираат и темпирањето што се лизга во неправилни пулсирања ја формираат основата на променлив, отелотворен пејзаж. Овие елементи не се појавуваат како буквален фолклорен материјал, туку како еха – енергетски траги вградени во тежина, здив и начинот на кој групата се собира, се распрснува и се преуредува. Претставата е во кореографија и концепт на Ермира Горо, на музика на Алики Лефтероиоти. Настапуваат Мариел Брахимлари, Виктор Константиновиќ, Маргарета Синковиќ и Самела Скендераси.

Претставата „Глориус Епик“ е последната на првиот ден од Скопје танцовата платформа, за која организаторите соопштија дека е „иронична и физички интензивна изведба што ја преиспитува идејата за херојство, спектакл и современиот наратив на успех во културата на перформанс“.

„Глориус епик“ е смела и евокативна танцова изведба од Софија Маврагани, која го проблематизира тензијата помеѓу херојското и ранливото. Преку поетска алегорија, делото ја испитува смртта на старите херои и падот на протагонистот, симболизирајќи го преминот од моќ кон кршливост, од победа кон пораз. Во срцето на оваа изведба е динамичната интеракција помеѓу две тела, формирајќи однос што висцерално ја истражува силата во колективот. Во „Глориус Епик“ танчарите се борат со своите страсти, желби и мисли – сили што ги поврзуваат и ги разделуваат. Нивните движења се менуваат беспрекорно помеѓу конфликт и соработка, додека ги спојуваат своите индивидуални светови во турбулентен колектив. „Глориус Епик“ е признание за славата што се наоѓа во ранливоста, во релационизмот и во честопати незабележаните детали од животот, соопшти организаторот на „Танц фест“.

Претставата е во концепт и кореографија на Софија Маврагани, на музика на Талија Јоаниду, а настапуваат Марија Брегијани и Спирос Нтогас.

Поврзани вести