
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека многу е комплицирана ситуацијата со Филозофскиот факултет во Скопје и дека таа не е надлежна да каже дали некој од кадарот ќе сноси одговорност.
За тоа постојат други институции во земјата. Се надевам дека таа процедура ќе си тече така како што треба. Би сакала да верувам дека ова е изолиран случај и дека не е тенденциозно направен, но токму поради тоа другите институции ќе си го кажат зборот и како ќе утврдат тие така и ќе биде – рече Јаневска по увидот во градежните активности во Основното училиште „Крум Тошев“ во село Трубарево.
На прашање за тоа дали ќе бидат поништени дипломите на магистрите, таа кажа дека вчера изјавила дека сѐ уште го чека извештајот, но доколку се поништи уписот следи и поништување на дипломите.
Раководството на Филозофскиот факултет на УКИМ вчера на прес-конференција соопшти дека на седум студенти на магистерски студии и на четворица на докторски студии на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, чии додипломски студии биле тригодишни стручни, им се поништува уписот и статусот на студенти, односно им се прекинува студирањето. Посочија дека ги почитуваат и ги спроведуваат заклучоците на Државниот просветен иснпекторат (ДПИ), кој при извршен надзор констатирал нерегуларности при упис на овие студенти на магистерски и на докторски студии и го донел решението за прекин на студирањето.

Македонски


