Skip to main content

Стабилна влада за стабилни односи, или…?

Фото: Facebook/Rumen Radev

Победата на Румен Радев на парламентарните избори во Бугарија во неделата не може да се толкува само како уште една епизода во хронично нестабилната бугарска политичка сцена. Таа би можела да претставува своевиден пресврт и момент на консолидација по повеќе години на институционална криза, повторувани избори и политички поделби.

Не дека Радев е нов во Бугарската политика, од кого би можеле да се очекуваат спектакуларни пресврти, но неговата победа може да има далекусежни импликации кои ги надминуваат бугарските граници. Геополитичката димензија на политиките на Радев, која никако не смее да биде занемарена, е предмет на опсервација и внимание на големите играчи на светската политичка сцена. Но, она што особено влегува во нашиот фокус поврзано со неговата победа се односите меѓу Бугарија и Македонија, кои веќе подолго време се заглавени во лавиринтот од историски несогласувања, политички условувања и меѓусебна недоверба.

Со освоено апсолутно мнозинство, Радев влегува во нова улога, односно од претседател кој често делуваше како коректив на политичкиот систем, во лидер со директна извршна моќ и одговорност. Тоа ја менува не само динамиката во Софија, туку и рамката во која ќе се води надворешната политика, вклучително и односите со Скопје.

Во последните пет години Бугарија беше пример за политичка нестабилност во рамките на Европската Унија. Честите избори, неспособноста да се формираат стабилни влади и длабоката поларизација создадоа впечаток на држава која повеќе реагира отколку што дејствува промислено и стратегиски. Во таков контекст, политиката кон Македонија често беше заложник на емоции, митови, легенди и внатрешни пресметки засновани на популистички приказни. Низ Бугарската политика продефилираа ликови како Каракачанов, Слави Трифонов, Кирил Петков и многу други, кои секој на свој автентичен начин оставија печат врз македонско-бугарските односи.

Ги спомнуваме само оние кои ја напуштија бугарската политичка сцена како илустрација на тоа дека ретки се оние во бугарската политика кои не се занимаваат со македонското прашање. Нема потреба посебно да ги именуваме актуелните и активни политичари од причина што нивниот политички живот сѐ уште трае и е незамислив без Македонија. Тие се тука и ќе се „дружиме“ со нив и во следниот период.

Заедничка карактеристика на сите овие политичари е тоа што имаат речиси идентичен, но меѓусебно натпреварувачи став во однос на Македонија и македонските евроинтеграции како процес кој го злоупотребуваат за остварување на сопствените аспирации. Ветото за почеток на преговорите со ЕУ не беше само израз на принципиелна позиција, туку и инструмент во домашната политичка борба. Историските прашања, идентитетот и јазикот беа претворени во политичка валута, со која различни актери се обидуваа да мобилизираат поддршка.

Сега, кога после неделните избори се наѕира јасно мнозинство и релативна политичка стабилност, досегашната логика на бугарската политика би можела да се промени. Ова го велиме, не како некое реално и здраворазумско очекување, туку како пуста желба за стабилизација на односите меѓу соседите. Но, кога е Радев во прашање, тешко е да се очекува дека јасното мнозинство и политичката стабилност ќе значат автоматска промена на политиката и отворање на простор за нови процеси.

Сепак, да оставиме простор за изненадувања!

Радев во изминатите години изгради имиџ на лидер кој комбинира популисичка реторика со институционална дисциплина. Неговите ставови за Македонија не отстапуваа значително од официјалната бугарска позиција. Тој беше дел од  оние кои инсистираа на историските „вистини“, на правата на Бугарите во Македонија и на имплементацијата на билатералните договори како предуслов за напредок кон ЕУ.

Но, она што е различно веќе од денес е тоа што Радев повеќе не е само еден од гласовите во бугарската политички номенклатура. Сега Радев е политички лидер со најголема доверба. Тоа значи дека одлуките ќе зависат од неговата проценка на балансот меѓу домашните очекувања, европскиот притисок и регионалната стабилност. Дали ќе избере да ја зацврсти бугарската позицијата кон Македонија, користејќи ја силата на мнозинството за да наметне уште поцврсти услови или ќе ја искористи стабилноста како основа за прагматичен пресврт, останува да видиме. Прашањето не е дали Радев ќе попушти, туку дали ќе има причина да го стори тоа? Со ова второто, Радев ќе ја врати Бугарија во улогата на конструктивен европски партнер, како што некогаш ја доживуваме и мислевме дека е.

Одговорот на ова прашање ќе ја дефинира не само билатералната динамика, туку и пошироката слика на проширувањето на ЕУ на Балканот.

На другата страна, македонскиот премиер Христијан Мицкоски се обидува да постави поинаква основа за дијалог. Неговите изјави по изборите во Бугарија се внимателно формулирани со очекување за проевропска влада, за почитување на европските вредности и за напуштање на билатералните условувања како дел од преговарачкиот процес. Ова не можеме да го толкуваме само како дипломатска формулација, чисто онака колку да се каже нешто по затворањето на избирачките места во Бугарија.

Тоа е стратешки пристап во односите кон Бугарија. Мицкоски се обидува да го префрли фокусот од историјата кон иднината, од идентитетските прашања кон институционалните критериуми. Со други зборови, Мицкоски настојува да го „европеизира“ спорот.

Но, тука се судираат двата различни пристапи. За Скопје, европската интеграција треба да биде процес базиран на универзални правила и стандарди содржани во критериумите од Копенхаген. За Софија, барем досега, таа интеграција беше условена со решавање на конкретни историски и идентитетски прашања. Ваквата разлика не е само политичка, туку и концептуална.

Хронолошки гледано, односите меѓу Македонија и Бугарија во последната деценија постојано осцилираат и се движат во циклуси. Се менуваат наративи кои промовираат надеж и соработка со оние кои создаваат разочарување и меѓусебни обвинувања. Потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година беше проследено со оптимизам и очекувања за нов почеток. Се отворија комисии, се најавија заеднички проекти, се зборуваше за европска иднина.

Но тој оптимизам се распука како меур од сапуница. Историските прашања, наместо да бидат технички и експертски третирани, повторно станаа политички инструмент. Историската комисија се наметна како врвно тело од кој што зависи иднината на македонските евроинтеграции. Се повторуваа блокадите, се заоструваше реториката, а довербата го достигна најниското можно ниво.

Ветото на Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ беше кулминација на овој процес. Тоа не само што го забави европскиот пат на Македонија, туку и создаде чувство на неправда и фрустрација кај македонската јавност. Во период кој што следеше, секој обид за компромис беше дочекуван со скепса. Дури и кога имаше напредок, тој беше кревок и краткотраен.

Во ваков контекст, изборната победа на Радев може да се толкува на два начина. Од една страна, како можност за нов почеток поради постоењето на стабилна влада која ќе може да носи долгорочни одлуки без притисок од слабата опозиција. Од друга страна, како ризик од зацврстување на постојните позиции, токму поради таа стабилност.

Кога се работи за политиката на Бугарија кон Македонија, историјата покажа дека политичката сила не секогаш води кон флексибилност. Напротив, често бевме сведоци на уште поголема цврстина и отсуство на компромис. Ова го гледавме со свои очи иако сета политичка логика вели дека стабилните влади имаат поголем капацитет за компромис, особено ако постои политичка волја за тоа.

Ако се обидеме да ја предвидиме иднината на односите меѓу Македонија и Бугарија, можеме да проектираме три основни сценарија. Првото е континуитет, односно задржување на постојната политика, која ќе содржи минимални отстапки и бавен напредок. Во ова сценарио, спорот ќе продолжи да биде дел од европската агенда, а довербата ќе остане ниска.

Второто сценарио е еден вид на прагматичен компромис кој ќе опфаќа постепено одвојување на историските прашања од преговарачкиот процес. Ова би овозможило напредок кон ЕУ, без целосно решавање на сите билатерални спорови. Третото е стратешки пресврт, односно вистинско подобрување на односите, базирано на нова политичка визија и взаемна доверба. Да бидеме реални, ова сценарио е најпосакувано, но и најмалку веројатно на краток рок.

Во македонско-бугарските односи не треба да се занемари и улогата на Европската унија. Во изминативе години, ЕУ често делуваше како посредник, но често и како пасивен набљудувач. Недостатокот на јасна стратегија за проширување, како недостатокот на внатрешните предизвици, ја намалија нејзината способност да влијае врз билатералните спорови.

Сепак, со новата геополитичка реалност и зголеменото внимание кон Западен Балкан, можно е ЕУ да започне да игра поактивна улога. Тоа може да биде дополнителен фактор што ќе влијае врз одлуките на Софија кон Скопје.

Како заклучок од претходно изнесеното може да кажеме дека односите меѓу Македонија и Бугарија не се само прашање на историјата или политиката. Тие претставуваа судир на визии за иднината. Едната визија ја гледа Европа како заедница на вредности, каде што билатералните спорови не треба да го блокираат интегративниот процес. Другата ја гледа како простор во кој националните интереси се бранат со сите расположливи средства.

Во овој момент, тие две визии се персонифицирани во двајцата лидери, Мицкоски и Радев. Првиот се обидува да ја отвори вратата кон Европа преку правила и принципи, а вториот ја држеше затворена, постојано поставувајќи услови. Во зависност од тоа кој од овие два концепта ќе преовлада, ќе зависи не само на иднината на билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, туку и пошироката перспектива на регионот.

Поврзани вести