Skip to main content

ЗНМ бара транспарентен избор во МРТ: Клучни се интегритетот и јавниот интерес

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) повика процесот за избор на директор и заменик-директор на Македонската радио-телевизија (МРТ) да се спроведе транспарентно, инклузивно и кредибилно, со јасен фокус на квалитетот на кандидатите и заштитата на јавниот интерес.

Оттаму потсетуваат дека рокот за постапката истекол на 15 април и нагласуваат дека понатамошниот тек мора да се одвива во целосна согласност со законските одредби, со доследно почитување на институционалните процедури и принципите на правната сигурност.

ЗНМ апелира изборот да се темели на професионален интегритет, релевантно искуство, јасна визија и реален капацитет на кандидатите за унапредување на работата на јавниот сервис.

Воедно, здружението инсистира Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да се применува целосно и без селективност, со цел да се обезбедат легитимност и доверба во целиот процес.

„Квалитетниот и внимателно спроведен изборен процес е суштински предуслов за справување со предизвиците со кои се соочува јавниот сервис“, велат од ЗНМ, додавајќи дека само така може да се зајакнат професионалните стандарди, независноста и капацитетот на МРТ да работи во интерес на граѓаните.

Од здружението очекуваат новото раководство да пристапи одговорно и стратешки, со јасни развојни приоритети, професионално управување и посветено зајакнување на дописничката мрежа.

ЗНМ најавува дека ќе остане конструктивен партнер во следењето на процесот и ќе продолжи да ги поддржува сите иницијативи што водат кон силен, независен и професионален јавен радиодифузен сервис.

Поврзани вести