
Во израелски напад врз јужниот либански крајбрежен град Тир загинаа најмалку 13 луѓе. Нападот е извршен кратко време пред стапи во сила 10-дневното примирје помеѓу Израел и Либан, соопшти либанската Цивилна одбрана.
При нападот погодени се четири згради во центарот на Тир.
Досега пронајдовме 13 тела и веруваме дека повеќе од 20 лица сè уште се заробени под урнатините. Повеќе од 35 лица се повредени, а операциите за пребарување и спасување се во тек – изјави раководителот на Цивилната одбрана во Тир, Муса Насралах за Германската новинска агенција (ДПА).
Тој додаде дека нападите се случиле неколку минути пред да стапи во сила примирјето.
Израелската армија сè уште не го коментирала нападот.
Израел и Либан вчера со посредство на САД договорија десетдневен прекин на огнот. Примирјето помеѓу Израел и Либан стапи во сила на полноќ по локално време. Борците на Хезболах напаѓаа цели во северен Израел се до почетокот на примирјето, додека израелските напади врз либанските населени места траеја уште 30 минути по стапувањето во сила на договорот.

Македонски


