Skip to main content

Снегот не е пречка за ново карневалско доживување во Вевчани

Се е подготвено за годинашното издание на Вевчанскиот карневал што на 13 и 14 јануари се одржува низ улиците во Вевчани. Традиционално, манифестацијата почнува вечерва со забавна програма, а вевчанци и гостите ќе ги забавуваат „Пајак“, „Ареа“ и „Забрањено пушење“.

Обилните снежните врнежи, според градоначалникот Спасе Кочовски, нема да бидат пречка за новото карневалско доживување. Снежната покривка утринава достигна околу 20 сантиметри.

– Екипите на јавното комунално претпријатие „Еремија“ од Вевчани и Македонија пат се на терен и работат на расчистување на коловозите. Не очекуваме никакви препреки за одржување на карневалот. Бината е подготвена, просторот околу се расчистува од снежните наноси и присутните ќе имаат можност за добра забава и уживање во Вевчани, изјави Кочовски за МИА.

Тој вети ново и неповторливо карневалско издание со своите традиционални карактеристики, хумор, забава и дружење. Сместувачките капацитети, иако во мал број, според градоначалникот, се исполнети.

Василичарскиот дел почнува утре напладне со дефиле под маски низ вевчанските улици, а вечерта присутните ќе ги забавуваат „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам, кои точно на полноќ на присутните ќе им ја честитаат Новата година, според Јулијанскиот календар.

Според традицијата, Вевчанскиот карневал, стар околу 15 века, почнува на 13 јануари напладне со дефиле на маски на двете василичарски друштва Горна и Долна маала. Неизоставен дел од традицијата се зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања. Секое карневалско издание за вевчанци е доживување. Инспирација за изработка на маските црпат од актуелните случувања во годината што изминала. Вевчанци ќе кажат се, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.

Вевчанскиот карневал после 20 години, минатата година повторно стана дел од Федерацијата на европски карневалски градови, по расчистувањето на наталожените долговите кон институцијата. Преку членувањето на Федерацијата се врши промоција на карневалот, кој ќе биде дел од повеќе карневалски манифестации, а со тоа се промовира и Вевчани, но и државата.

Поврзани вести