Skip to main content

„Фокус“ објави обвинувања за поврзаности во енергетиката, следуваше демант: Тодоровски никогаш не бил обвинет

Анализата на неделникот „Фокус“ за влезот на бизнис и политички кругови во енергетскиот сектор предизвика реакции, откако во текстот беа изнесени тврдења за поврзаности на одредени компании со лица блиски до политиката.

Во анализата, „Фокус“ го споменува Орце Тодоровски во контекст на случајот „Делчевски ниви“, наведувајќи дека бил поврзан со лица кои биле опфатени во постапката, како и дека случајот „пропаднал со промена на исказ на сведок“, што, според написот, фрла сенка врз правосудството.

По овие наводи, до редакцијата е доставен демант од Адвокатското друштво „Бона Фиде“, кое во име на Тодоровски остро ги отфрла изнесените тврдења.

– Против Орце Тодоровски никогаш не е поднесен обвинителен предлог или обвинителен акт, ниту пак е водена судска постапка – се наведува во демантот.

Од таму нагласуваат дека објавените формулации создаваат погрешен впечаток во јавноста дека Тодоровски бил дел од кривична постапка, што, како што велат, е неточно и неосновано.

Дополнително, се посочува дека квалификациите за „пропаднат случај“ се произволни и дека единствено надлежните институции можат да утврдуваат факти, при што во конкретниот случај не е утврдена никаква одговорност кај Тодоровски.

По објавениот демант, „Фокус“ упати извинување, наведувајќи дека спорните информации се резултат на ненамерна грешка во анализата.

Од адвокатското друштво побараа целосно демантирање на наводите, со најава дека во спротивно ќе следуваат правни постапки за заштита од клевета и навреда.

Поврзани вести