
Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер постигнаа победа 35:33 на гостувањето против Алкалоид во дуел од 5. коло од плеј офот од Супер лигата. Со денешните два бода битолчани се изедначија на табелата со Охрид со по 44 бодови, зад лидерот Вардар со 52, додека Алкалоид остана со 40.
Натпреварот почна во знак на првакот Е. Пелистер, кој имаше минимална предност, а резултатот беше изедначен во два наврати 5:5 и потоа 11:11 во 20. минута. По 13:13 во 23. минута следуваше серија на домашниот тим до крајот на првиот дел од 9:3 за 22:16 на полувреме.
Во вториот дел Алкалоид ја продолжи серијата голови и по четири минути игра поведе со 25:17. Во овој дел од натпреварот одличен на голот беше голманот на Алкалоид Иван Галевски.
Битолчани се вратија резултатски во игра постепено и во 50. минута изедначија на 29:29, а ефикасен во овој дел од играта беше Дејан Манасков. Гостите ја продолжија серијата голови и во 53. минута поведоа со 32:31, а во последните пет минути имаа водство и од 34:32, кое го зачуваа и до крајот на дуелот.
Најефикасни на дуелот беа Дамјан Митев кај Алкалоид со 7 и Дејан Манасков кај Е. Пелистер исто со 7. Иван Галевски кај Алкалоид дуелот го заврши со 9 одбрани, а Никола Митревски во редовите на Е. Пелистер имаше 6 од кои неколку клучни во завршницата на дуелот.

Македонски


