
Легендарната поранешна македонска репрезентативка, Индира Кастратовиќ е назначена за шеф на македонската делегација за претстојното Светско училишно првенство во ракомет кое ќе се одржи во Скопје од 21 до 29 април.
За првпат во нашата земја ќе се одржи едно вакво големо натпреварување, кое е во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, а под покровителство на Министерството за спорт.
Кастратовиќ која беше дел од славната генерација на Кометал Ѓорче Петров, а денес е координатор на женските национални селекции вели дека е голема чест и задоволство што ќе биде шеф на делегацијата на Македонија.
Ми претставува голема чест и задоволство, но во исто време и пријатна обврска, да бидам шеф на делегацијата на наша земја на ваков голем спортски настан како што е Светско училишно првенство во ракомет, настан на кој учество ќе земаат околу 700 млади ракометарки и ракометарки на средношколска возраст, вели Индира Кастратовиќ.
Светското училишно првенство во ракомет треба да биде поттик и инспирација за младите ракометари и ракометарки.
Мундијалот има големо значење за нашите млади ракометарки и ракометари од повеќе аспекти. Учество на овој настан за млади луѓе треба да претставува голем поттик во развојот на нивните ракометни кариери, убава можност за стекнување на нови интернационални спортски искуства, како и можност за создавање на новите пријателства. Освен тоа, се надевам, овој светски шампионат треба да биде инспирација за новите млади генерации да го засакаат ракометниот спорт и да почнат се занимаваат со него, додава Кастратовиќ.
Таа испрати порака до сите млади деца кои сè уште се двоумат дали да започнат со спорт.
Мојата порака за сите деца би била да изберат да тренираат кој било спорт, таму ќе прво ќе научат многу нешта поврзани за тој спорт, ќе научат како да бидат организирани, а понатаму ќе запознаат нови другарчиња со кои ќе се дружат на теренот и надвор од него.
На Светското училишно првенство во ракомет ќе настапат македонските репрезентации во женска и машка конкуренција до 18 години.
Натпреварите ќе се играа во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“, додека финалните натпревари, ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“ кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството.
Свеченото отворање ќе се одржи на 21 април со почеток во 19:30 часот на Плоштад Македонија.
Извор: МИА

Македонски


