
Шокантни вести доаѓаат од светот на ракометот. Легендарниот руски левокрилен играч, олимписки шампион и тренер на Мешков Брест, Едуард Кокшаров, ненадејно почина на 51-годишна возраст.
„Изразуваме најдлабоко сочувство до неговото семејство и најблиските. Со голема тага ја информираме јавноста дека главниот тренер на нашиот клуб, олимписки шампион, светски шампион и освојувач на Лигата на шампионите, Едуард Александрович Кокшаров, ненадејно почина на 51-годишна возраст. Ова претставува непоправлива загуба за нашиот клуб, како и голем шок за целата ракометна заедница“, соопштија од клубот.
Кокшаров своите најдобри играчки години ги помина во дресот на Целје Пивоварна Лашко, каде што настапуваше 12 сезони и со тимот ја освои ЕХФ Лигата на шампионите во 2004 година. Кариерата ја заврши во Чеховски Медведи.
Како репрезентативец на Русија, шест пати беше избран во идеалниот тим на големите натпреварувања. Освои златен медал на Светското првенство во 1997 година, а три години подоцна стигна и до олимписко злато во Сиднеј.
По завршувањето на играчката кариера, работеше како тренер и функционер. Во 2016 година беше дел од ЖРК Вардар, каде што имаше улога и како спортски директор на машкиот тим. Беше селектор на руската репрезентација, го предводеше Ростов на Дон, а последен ангажман му беше во Мешков Брест.

Македонски



