Skip to main content

На 22 април премиера на „Страв и надеж“ во режија на Татјана Мандиќ Ригонат на големата сцена на МНТ

На 22 април, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно ќе биде изведена претставата „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец – еден од најзначајните и најизведувани современи германски драмски автори, а во режија на наградуваната белграѓанка Татјана Мандиќ Ригонат, препознатлива по бескомпромисен и форензички точен театарски јазик.

Крец пишува за емоции, психолошки состојби и парадокси, таму каде што реалното и надреалното се допираат, а човекот се распаѓа тивко, одвнатре. Со прецизен, на моменти суров, но и духовит и ироничен јазик, Ригонат создава дело кое е психолошки и социолошки портрет и на современиот човек, велат од МНТ.

Во претставата играат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиевска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Преводот е на Александар Русјаков, сценограф е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа, композитор – Ирена Поповиќ Драговиќ.

Следните изведби се на 27 и 28 април. Билетите се пуштени во продажба.

Поврзани вести