
Најголемиот книжевен настан во земјава и оваа година ќе го претвори Скопје во централно место за љубителите на литературата. Саемот на книгата оваа година ќе се одржи под мотото „Отвори прозорец кон нови светови“, истакнувајќи ја моќта на книгите да нѐ однесат во авантури кои не сме можеле ниту да ги замислиме.
Во периодот од 23 до 29 април, арената „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на читатели и љубители на книги, но и автори, културни работници, преведувачи и издавачи од земјата и странство.
Отворањето на нова книга значи и отворање на прозорец кон некој нов свет. Свет што самите сме го одбрале и едвај чекаме да го запознаеме. Секоја страница носи нова авантура, не’ запознава со нови личности кои понекогаш ни стануваат пример, а понекогаш пријател, преку чии искуства осознавaаме чувства кои ни помагаат да најдеме смисла во сопствените животи.
Токму оваа книжевна магија е во фокусот на Саемот на книга оваа година и одлично се истакнува преку слоганот „Отвори прозорец кон нови светови“. Оваа реченица не само што ја опишува убавината која во себе ја содржат книгите, туку и го повикуваат читателот да се нурне и да заплива во нивната приказна.
Организаторот најави дека Саем на книга 2026 ќе им понуди на посетителите богата програма на добро познати бестселери, изданија од омилените домашни и странски автори, како и промоција на нови дела кои ќе ја збогатат најважната недела во календарот на домашниот читател. Присутните на Саемот ќе имаат можност да проследат излагања и работилници со популарни автори од земјата и странство, а издавачите ќе претстават ексклузивни наслови и досега невидени изданија.
Саемот на книга е еден од најважните културни настани кои се одржуваат во Скопје и на едно место ја обединува читачката публика од сите градови од земјата, па и од странство. Впечатлив тренд во последните години е тоа што се забележува враќање на младата генерација на Саемот, која станува се’ позаинтересирана за книжевниот свет и редовно поставува големи бројки на посетеност. Така се очекува да биде и оваа година, во периодот од 23 до 29 април кога арената „Борис Трајковски“ ќе биде отворена за љубители на пишаниот збор од сите возрасти. И оваа година саемот на книга е со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Македонски


