
Карциномот на дебелото црево е трета водечка причина за смртност и четврта за морбидитет во Македонија. Според поред последните податоци од Регистарот за рак, во 2023 година се регистрирани 829 нови случаи на колоректален карцином и 393 смртни случаи, објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Март е месец во кој се подигнува свеста за колоректален карцином.
На возраст од 30-50 години инциденцата е 90 лица, со 36 смртни исходи. Според 10 најчести примарни локализации на вкупниот рак по категории, ракот на колон е трета водечка причина за смртност и четврта за морбидитет, на населението во Република Македонија, се вели во извештајот на ИЈЗ.
Според последните податоци на СЗО, во 2022 година, во светот се регистрирани 1.926.425 нови случаи на колоректален карцином и 904.019 смртни случаи, што го прави втора водечка причина за смртост и трета за морбидитет на населението поврзано со рак. Стапките на инциденца се највисоки во Европа, Австралија и Нов Зеланд, додека стапките на смртност се највисоки во Источна Европа.
Рак на дебелото црево или колоректален карцином (КРК) е малигнитет кој може да се развие по целата должина на дебело црево или на неговиот завршен дел (ректумот).
Колоректалниот карцином е уште еден најчесто користен термин кој вклучува не само канцер на дебелото црево, туку и карциноми кои се формираат во ректумот.
Рак на дебелото црево сè повеќе ги погодува помладите лица, а сега стана водечка причина за смрт од рак кај помладата популација. Лекарите велат дека нешто фундаментално различно се случува со колоректалниот карцином кај помладите лица.
Додека вкупниот број на смртни случаи од канцер се намалува, еден загрижувачки тренд оди во спротивна насока. Рак на дебелото црево сега е водечка причина за смрт кај возрасни под 50 години, според извештај објавен во Journal of the American Medical Association (JAMA).
Кај тројца од четворица пациенти под 50 години, ракот на дебелото црево се дијагностицира кога болеста е веќе во напредната фаза, што делумно го објаснува зголемувањето на смртноста и покрај значителниот напредок во третманот и терапијата.
Наодите од новата студија се вклопуваат во поширок тренд на зголемување на инциденцата на колоректален карцином кај лицата под 50 години. Истражувањата покажуваат дека од 2000 година, бројот на нови случаи кај оваа возрасна група се зголемил во просек за речиси 1,4% годишно, додека во исто време стапките на инциденца кај лицата над 50 години се намалиле за приближно 3,1% годишно.
Иако точните причини за овој тренд сè уште не се целосно разјаснети, експертите веруваат дека веројатно станува збор на комбинација од неколку фактори: начин на исхраната, зголемена телесна тежина, седентарниот начин на живот, промените во цревниот микробиом, како и изложеноста на разни влијанија од околината.
Со повеќе од 3.7 милиони нови случаи и 1.8 милиони смртни случаи секоја година, ракот е втората причина за смртност и морбидитет во Европа после кардиоваскуларните болести.
Инциденцата и смртноста се намалени во неколку земји со високи приходи, главно поради откривање на болеста во рана фаза.
Постојат неколку сигурни начини кои имаат голем придонес за намалување на ризик од развој на колоректален карцином. Тука спаѓаат избалансираната исхрана богата со влакна, големи количества свежо овошје и зеленчук (најмалку 5 порции дневно) и полнозрнести житарки. Консумација на црвеното месо и месните преработки се препорачуваат најмногу еднаш до два пати неделно.
Препораките се однесуваат и на редовна 30 минутна физичка активност најмалку 5 дена во неделата.
Раната дијагноза е клучна во успешното лекување на колоректалниот карцином. Наједноставните скрининг тестови за колоректалниот карцином се дигитален ректален преглед и тест на окултно крварење во фецесот (ФОБТ). Тестови, со кои се открива предканцерозна и канцерозна состојба и Скрининг интервали:
Тест за детекција на окултното крварење (FOBT) – секоја година
Колоноскопија – секои 10 години
Флексибилна сигмоидоскопија – секои 5години
Иригографија – секои 5 години
Абнормален резултат на виртуелна колоноскопија или двоен контраст бариум клизма, или позитивна ФОБТ структура, имунохемиски тест и ДНК тест, треба да се следат со колоноскопија.велат од ИЈЗ.

Македонски

