
Цените на гасот во Европа скокнаа за повеќе од 20 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво за повеќе од една година под влијание на американско-израелскиот напад врз Иран и прекините во транзитот на енергија низ Ормутскиот теснец.
На референтната холандска дигитална берза TTF, еден мегават час гас за испорака во април изнесуваше 39,84 евра наутро и беше за 24,6 проценти поскап отколку на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела. За кратко време, неговата цена беше блиску до нивото од 41 евро. Утрото, гасот се тргуваше по највисока цена од 14 февруари минатата година, покажуваат податоците. Цените скокнаа по израелско-американскиот напад врз Иран во саботата. Иран одговори со испукување ракети врз Израел и американските бази во голем број земји долж Персискиот Залив, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар, водечкиот светски извозник на течен гас.
Сообраќајот на танкери низ Ормутскиот теснец речиси запре, иако Иран официјално не го затворил. Осигурителите предупредија во понеделник дека нема да го покриваат превозот во поширокиот регион на Персискиот Залив. Околу 20 милиони барели нафта дневно и околу една петтина од пратките на течен гас минуваат низ теснецот, главно од Катар, според податоците на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) од 2024 година, објави Н1.ба.
Во меѓувреме, ЕУ го суспендираше увозот на руски гас преку цевководи и планира да ја запре и набавката на течен природен гас. Во моментов, тие купуваат гас главно од САД, Катар и Норвешка.

Македонски

