Skip to main content

Мицкоски: Младите и спортот се приоритет на Владата – потпишан договор со „Спортски игри за млади“

Влада

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата присуствуваше на потпишување договор со меѓународната платформа „Спортски игри за млади“, при што порача дека вложувањето во младите и спортот останува еден од клучните приоритети на извршната власт, соопштуваат од Владата.

Од мое име и од името на Владата би сакал да посакам добредојде на сите гости коишто денеска се со нас овде во Владата, но исто така и во Скопје“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека Владата е „исклучително задоволна“ што е дел од овој настан.

Тој истакна дека демографските предизвици се заеднички европски проблем и дека затоа е важно младите од најрана возраст да се едуцираат и да се насочуваат кон вредности што ќе ја обликуваат иднината.

Многу ни е важно младите од најрана возраст да ги образуваме, да ги научиме дека иднината е во нив и дека така како што тие ќе израснат таква иднина ќе имаат и ќе остават за нивните потомци“, рече премиерот.

Говорејќи за спортот, Мицкоски направи осврт и на сопственото искуство од младоста, посочувајќи дека бил активен во кошаркарскиот клуб „Работнички“, но дека подоцна животниот пат го одвел во академската сфера, а денес и на функцијата претседател на Владата.

Спортот остана во мене, никогаш не излезе од мене“, истакна тој, додавајќи дека со преструктуирањето на Кабинетот за првпат е формирано Министерство за спорт, наместо дотогашната агенција.

Според него, новото министерство постепено ги надминува почетните предизвици и се позиционира како институционална поддршка на спортот во земјата и регионот.

Мицкоски нагласи дека преку „Спортски игри за млади“ се создава синергија меѓу двата приоритети – младите и спортот, при што децата ќе имаат можност да учат за витештво, фер-плеј, почитување на противникот и тимска работа.

Животот е тимска игра и ако сакате да бидете успешни ќе морате да се научите на овие работи“, порача премиерот.

Тој изрази уверување дека десетици илјади млади ученици кои во наредните месеци ќе се натпреваруваат низ училиштата ќе израснат во луѓе кои достоинствено ќе ја промовираат државата, како и дека ќе бидат достојни претставници на македонскиот спорт на финалните игри во Сплит во август.

Можам да ветам дека достоинствено ќе го претставуваме овој проект во државата“, изјави Мицкоски, заблагодарувајќи им се на организаторите и на присутните спортски имиња од регионот.

Поврзани вести