
Сириските власти денеска соопштија дека пронашле илјадници луѓе кои живеат во „шокантни“ услови во озлогласениот притворски камп во североисточната покраина Ал-Хасаке, откако владините сили ја преземаа контролата врз местото, јавува ДПА.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Нуредин ал-Баба, на прес-конференција во Дамаск изјави дека инженерските единици на армијата прво го обезбедиле кампот Ал-Хол пред силите на Министерството за внатрешни работи да бидат распоредени внатре.
Ал-Хол беше најголемиот камп во Сирија за роднини на членови на Исламска држава, потсетува ДПА.
Властите во него откриле 138 „премини“ во 17-километарската периметарска ограда на кампот. Се вели дека шверцерските мрежи им помогнале на затворениците да избегаат.
Сириските владини сили на почетокот на годината започнаа офанзива на север и североисток од земјата во обид да ги стават под своја контрола областите на Сирија што претходно беа под контрола на Курдите, потсетува германската агенција.
Ал-Баба додаде дека објектот немал основна инфраструктура, дека во кампот престојувале околу 23.500 лица, вклучувајќи околу 6.500 странци од 44 земји, а многумина страдале од хронични болести.
Тој рече дека властите немаат прецизна статистика поради отсуство на транспарентни евиденции. Меѓутоа инсистираше на тоа дека во кампот Ал Хол „нема затвореници од Исламска држава“.
Според Ал-Баба, околу 70 отсто од оние кои биле пронајдени во него биле жени, деца и постари лица, повеќето од нив Сиријци и Ирачани кои биле притворени поради наводни врски со терористичката група Исламска држава.
Ал Баба нагласи дека властите ги пронашле оние што го напуштиле кампот и дека повеќето досега се вратени, а валдиниот пристап кон овие притворени лица од Ал-Хол ќе се темели на „почитување на човековото достоинство и правична примена на законот“. Оние за кои ќе се докаже дека извршиле кривични дела ќе се соочат со судски постапки, додаде тој, пренесе ДПА.

Македонски



