
Шест мигранти биле пронајдени синоќа во автомобил на автопатот Скопје–Куманово, а возачот е лишен од слобода, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, околу 21:30 часот на бензинска пумпа на автопатот полициски службеници го привеле О.К. (33) од Турција, кој управувал патничко возило „шкода“ со косовски регистарски таблички.
Во возилото биле пронајдени шест лица – мигранти, тројца од Египет и тројца од Алжир – информираат од МВР.
Претходно, на наплатната станица „Романовце“, возачот не застанал на даден знак од полициските службеници, по што биле преземени мерки за негово пронаоѓање. Возилото било лоцирано, а О.К. бил лишен од слобода.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, најавуваат од Министерството.

Македонски



