
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека води успешна дипломатија, градејќи силни и одржливи билатерални односи со клучните меѓународни партнери. Македонија е на чекор до потпишување историски трговски договор со својот стратешки партнер и најмоќната економија во светот, САД, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пред два дена, по затворањето на пост-мониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, Белата куќа објави заедничка изјава. Со неа, САД и Македонија се согласија за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, кој ќе ги зајакне билатералните економски односи и ќе обезбеди проширен пристап на извозниците од двете држави до нивните пазари, велат од владејачката партија.
Овој договор ќе ги продлабочи трговските врски, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе поттикне економски раст и дополнително ќе го зајакне трансатлантското партнерство.
Станува збор за јасен сигнал за продлабочување на стратешката соработка и силна потврда за поддршката што Македонија ја ужива од САД. Истовремено, се трасира патот кон сеопфатен договор со тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и 0%. Ова претставува значајна дипломатска победа, потврда за цврстото стратешко партнерство и дополнително зацврстување на економските перспективи на државата, се наведува во соопштението.
Ваквата билатерална соработка со најсилната светска економија претставува силен сигнал за стабилност и доверба.
Со вакви чекори, Владата ја зацврстува меѓународната позиција на Македонија, отвора нови економски можности и и овозможува на земјата посилен, постабилен и просперитетен развој, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонски



