Skip to main content

Прошетка низ изложбата „Истокот е сè уште можен“ денеска во Музејот на современата уметност во Скопје

Во Музејот на современата уметност во Скопје денеска ќе се одржи настанот „МСУ водич и матине“ со кустосот Бојана Јанева, која ќе ја прошета публиката низ интернационалната изложба „Истокот е сè уште можен“. Координатор на настанот е Анжелика Апсис, а музичкиот избор е на Нино Наумов.

Изложбата е продолжение на соработката меѓу МСУ – Скопје и МГ+МСУМ, Љубљана, што започна со заедничката изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“, која се отвори во февруари 2025 година во Музејот на современа уметност „Метелкова“. Куратори на изложбата се: Бојана Пишкур, Мартина Воук (МГ+МСУМ, Љубљана); Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски (МСУ-Скопје).

– Уметничките практики што не потекнуваат од центарот на западниот уметнички систем, туку од неговите маргини – географски, политички и симболични, можат да понудат епистемолошка и естетска рамка преку која ќе се преиспита итноста на нашиот сегашен момент. Кога на овие маргини не се гледа како простори на инфериорност, тие можат да понудат јасна источноевропска перспектива обликувана од искуството на социјализмот, колективните утопии, транзицијата, конфликтот и војната, како и колапсот на идеолошките системи во 1990-тите. Преовладувачките уметнички теми на телото, иронијата, идеологијата, доказите и утопијата, реагираат на овие историски искуства, додека истовремено се занимаваат и со комплексноста на сегашноста, се наведува во соопштението од МСУ – Скопје.

Во изложбата се вклучени дела на уметниците Марина Абрамовиќ, Маја Бајевиќ, Гета Братеску, Јозеф Бојс, Ала Георгиева, Томислав Готовац, Јон Григореску, Група конструктивисти од Трст (Аугуст Чернигој, Едуард Степанчич, Џорџо Кармелич), Власта Делимар, Брацо Димитријевиќ, Оршоја Дроздик, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Иван,Кожариќ, Катаржина Козира, Александар Косолапов, Андреја Кулунчиќ, Владимир Купијанов, „Лајбах“, Казимир Малевич, Горанка Матиќ, Алекс Млинарчик, Петре Николоски, Ахмет Огут, ОПА, ОХО, Ирена Паскали, Геза,Пернецки, Душан Перчинков, Марко Погачник, Дмитриј Пригов, Нихо Пушија, Јозеф Робаковски, Дритон Селмани, Недко Солаков, Младен Стилиновиќ, Раша Тодосијевиќ, Ендре Тот, Игор Тошевски, Горан Трбуљак, Симон Узуновски, Стано Филко, Венко Цветков, Виолета Чаповска, „Что делат“, Небојша Шериќ-Шоба. Изложбата вклучува содржина наменета за публика над 18 години.

За време на матинето, посетителите ќе може да ги погледнат и останатите тековни изложби во музејот: „Сè што ни е заедничко (Институција која дише)“ на кураторите Мира Гаќина и Јованка Попова; „Земјата која се промислува постојано…“ на кураторот Рик Долфијн; и „Допри ја природата“ на кураторот Сабин Фелнер.


Поврзани вести