Skip to main content

„Шанса за Центар“ изброи скоро 60 коцкарници и обложувалници: Центар е казино-општина

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ преку „Гугл“ ги мапираше коцкарниците, казината и слот-клубовите во централната скопска општина.

По пребројувањето, иницијативата посочува дека останаа уште малку јавни терени во Центар на кои децата не плаќаат за да играат, но затоа има речиси 60 казина и обложувалници.

„Центар е казино-општина. Ги мапиравме казината, автомат-клубовите и кладилниците покрај кои поминувавме и има повеќе отколку сите детски и спортски игралишта заедно. Како што имаме извори на загадување на воздухот, имаме и извори на загадување на духот“, посочуваат од таму.

„Шанса за Центар“ како „поразителни“ и „катастрофални“ ги карактеризираше податоците објавени во истражувањето на Институтот за јавно здравје, кое покажа дека во изминатите 12 месеци, еден од четири ученици (25%) се коцкал за пари.

Според извештајот, коцкањето со физичко присуство е почесто (21%) отколку онлајн коцкањето (15%), иако и двете се значајно застапени. Проблематичното коцкање се зголемило од 4,5% во 2019 на 7,6% во 2024 кај оние кои се коцкаат (9,3% од момчињата и 4,1% од девојчињата во 2024).

„За профит создаваме сакати генерации, дозволуваме младите да се навлечат на порок, зависност која се лечи исто или потешко од зависност од дрога. Создаваме млади луѓе кои се неспособни за работа и учење. Кој профит го оправдува ова?“, прашува од „Шанса за Центар“.

Бидејќи инвестициите во коцкарниците се странски, од иницијативата веќе побараа истите правила да важат и кај нас како во земјите од кои доаѓаат.

„500 метри далечина е ништо за деца. Помалку од 10 минути пешачење е тоа“, нагласуваат од „Шанса за Центар“.

Понатаму, бараат тие да бидат во зони надвор од градот. Прашуваат „како тоа воопшто деца влегуваат во кладилници и коцкарници“, затоа побараа и засилени контроли при влез.

„Бараме и драстични казни ако се затекне малолетник во коцкарница, казино и казните да бидат транспарентни и да излегуваат во билтен која коцкарница дозволила и колку е казнета. Бараме казните да бидат транспарентни и да се евидентираат платните налози, дека казната е платена. Со години се толерираат кладилниците и коцкарниците, како последица се јавија ‘брзите пари’ кои дополнително ги уништуваат личностите и семејствата“, реагираа уште претходно од иницијативата.

Инаку, во истражувањето на Институтот за јавно здравје стои дека коцкањето со физичко присуство во обложувалници, казина и слично е сè уште почесто од онлајн коцкањето, но растот на платформите за онлајн обложување продолжува да ги замаглува овие граници.

„Овие трендови сугерираат дека помалку адолесценти може да се коцкаат, но оние кои се впуштаат во поинтензивни или поризични форми на коцкање всушност се прикриени со онлајн коцкањето. Раната превенција е од суштинско значење, особено со оглед на психолошките и финансиските последици од проблематичното коцкање“, се заклучува во документот.

Поврзани вести