
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера одговарајќи на новинарско прашање за ставовите на опозицијата дека македонското општество сè уште не е зрело за укинување на техничката влада, изјави дека нема намера лично да ги убедува политичките противници.
„Не треба јас да ги убедувам. Прво, нив ги убеди Стразбур вчера со укинувањето на постмониторингот. Ако не му веруваат на Христијан, нека прочитаат што пишува во извештајот“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека, доколку опозицијата и понатаму инсистира на техничка влада, Владата е подготвена да излезе во пресрет и на тој услов.
„Дури и ако тоа е така, на следните избори повторно нека има техничка влада. Ако редовните избори се во 2028 година, јас ќе си поднесам оставка во јануари 2028. Тоа не е проблем. Само да им удоволиме – нека има техничка влада на следните избори“, рече премиерот.
Според него, по тие избори, доколку опозицијата победи, таа ќе има можност да одлучува за моделот на изборниот процес во иднина.
„Нека се организираат, нека победат, па на тие некои следни избори нема да има техничка влада. Што повеќе да направиме за опозицијата? Јас навистина не знам. Не можам место нив да победувам на избори“, истакна Мицкоски.
Изјавата беше дадена по повод актуелните политички дебати за укинувањето на техничката влада и изборниот модел во земјава.

Македонски



