
Словенечко-македонската копродукција „Фантази“ (Fantasy), во режија на Кукла, ја освои главната награда за најдобар долгометражен игран филм на 37- мото издание на Филмскиот фестивал во Трст, кој заврши на 24 јануари 2026 година. Филмот доби и специјална награда од жирито на европскиот филмски портал Cineuropa, што претставува значаен меѓународен успех за оваа регионална копродукција.
Тричленото стручно жири ја образложи одлуката со следниве зборови:
Филм кој со леснотија и живост ја преплетува реалноста со фантазијата и раскажува приказна што целосно го вовлекува гледачот. Со прецизност, почит и емпатија истражува што значи да се биде млада жена во длабоко традиционална средина.“
Главната награда, која го носи името „Трст“, вклучува и парична награда од 5.000 евра, наменета за режисерот или режисерката на наградениот филм.
Покрај главната награда, „Фантази“ ја доби и наградата на жирито на Cineuropa – водечки европски филмски и аудиовизуелен портал кој се објавува на четири јазици. Во образложението, жирито истакнува:
Поради суптилниот начин на кој филмот го прикажува преминот од адолесценција во зрелост, преку прашањата за соништата, пријателството, љубовта и меѓугенерациските односи. Поради современиот и носталгичен приказ на балканскиот мозаик од јазици, религии и култури. Поради неконвенционалната и меланхолична електронска музика, сонишната фотографија исполнета со мистични светла, ноќи, месечини и златни птици, како и поради архитектонските локации прикажани како живи, самостојни ликови.“
Режисерката Кукла, по добивањето на двете награди во Трст, изјави дека признанијата се голема потврда за целиот тим:
Неизмерно сум среќна и благодарна што и жирито на фестивалот во Трст и Cineuropa го препознаа и почувствуваа ‘Фантази’. Ова е потврда за работата на целата креативна, техничка и продукциска екипа, која го создаваше филмот со голема посветеност и срце. Посебно значење за мене има и фактот што дел од филмот е снимен во населбата Мелара во Трст, што симболично и емотивно го заокружува кругот на приказната.“
Филмот „Фантази“ ги следи Михрије (Сара Ал Салех), Сина (Мина Миловановиќ) и Јасна (Миа Скрбинац) – три пријателки во раните дваесетти години кои растат во имигрантска средина и се спротивставуваат на очекувањата на своите семејства. Нивното секојдневие се менува кога во соседството се доселува Фантази (Алина Јухарт), трансродова жена која станува катализатор за нивното истражување на родот, желбата и сопствениот идентитет.
„Фантази“ веќе има импресивна фестивалска историја. Филмот освои пет награди „Весна“ на Фестивалот на словенечки филм во Порторож, наградата „Срце на Сараево“ за актерска игра, како и специјално признание „Mermaid“ на Филмскиот фестивал во Солун. Светската премиера се одржа во август 2025 година на Филмскиот фестивал во Локарно.
„Фантази“ е словенечко-северномакедонска копродукција, со главен продуцент December Film, реализирана со мнозинска поддршка од Словенечкиот филмски центар. Филмот моментално е во редовна кинодистрибуција во Словенија, под водство на Gustav Film.

Македонски



