Skip to main content

Полицијата застрела вооружен маж во холандскиот град Утрехт

Припадници на холандските специјални полициски сили ноќеска околу полноќ застрелаа вооружен маж во градот Утрехт, за кој е оценето дека претставувал „непосредна опасност“.

Холандската полиција соопшти дека застреланиот маж е пренесен во болница, но нема детали за неговата здравствена состојба.

При инцидентот било повредено и полициско куче.

Медиумите јавуваат дека засега не е јасно какво оружје носел застреланиот маж, додавајќи дека полициски извори посочуваат оти „се верува“ дека не станува збор огнено оружје.

Полицијата засега не дава дополнителни детали за настанот со образложение дека истрагата е сè уште во тек.

Инаку, холандските медиуми јавуваат и за два смртни случаи во Холандија во текот на новогодишната ноќ при инциденти поврзани со пиротехника.

Еден 38-годишен маж починал ноќеска околу 2:15 часот во близина на амстердамскиот аеродром Схипхол при „несреќа со огномет“. Инаку, во реонот на Схипхол е забрането испалување на огномети и користење друга пиротехника.

Уште едно лица починало претходно во друга несреќа, исто така поврзана со огномет, во местото Најмеген.

Полицијата спроведува истрага за двата инциденти.