Skip to main content

Четврта изведба на оперетата „Лилјакот“ во Националната опера и балет

По три одлични изведби, „Лилјакот“ од Јохан Штраус II утревечер, на 26 декември во 20 часот ќе се изведе повторно на големата сцена на Национлната опера и балет.

„Лилјакот“ е светски позната оперета што ја слави радоста, музиката и ведрината на животот, со шармантни сцени, хумор и незаборавни арии. Оперетата ја освои публиката, која ја опиша како „возбудлива, духовита и емоционално живописна“ и која ја поздрави со овации и силни аплаузи.

Оваа изведба, под диригентска палка на Бисера Чадловска и во режија на Љупка Јакимовска, нуди уште една можност за љубителите на уметноста да уживаат во празнична вечер исполнета со музика, раскош и многу смеа.

„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали.

Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.

Поврзани вести