
Во дворот на гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид, вечерва од 18:00 до 22:00 часот ќе се одржи 3Д мапинг музичко-сценско шоу „Ехото на Охрид“, по концепт и режија на Илија Пиперкоски.
Автори на видео-анимациите и 3Д мапингот кој трае околу 45 минути се Јовица Смилески и Милчо Узунов, а настанот е замислен како аудио-визуелно инспиративно доживување, односно синергија од светлина, звук и архитектура.
Фасадата на Гимназијата ќе стане „жива сцена“ преку оригинални 3Д секвенци, динамичен ритам и прецизен мапинг, создавајќи современо искуство за сите возрасти. Ова е приказ на чиста визуелно-музичка експресија која го слави моментот и просторот. Фасадата на гимназијата, со нејзиниот историски неокласицистички стил, симболично претставува „платно на минатото“ кое се трансформира во „портал кон иднината“. Со помош на два професионални проектори од 30.000 лумени, зградата ќе се „оживее“ преку 3D мапинг-колоните ќе станат стебла на животот, прозорците ќе се претворат во портали кон ѕвездите, а целата структура ќе пулсира во ритамот на музиката. Овде, ја адаптираме таа приказна за локален контекст, поврзувајќи ја со богатата историја на Охрид како центар на просветителството и културата, и ова е начин да се поврзе историјата со иднината, поттикнувајќи размислување за нашето место во универзумот, велат организаторите.
Настанот е со поддршка од Општина Охрид, како музичко-сценски проект „Ехото на Охрид“, од областа на културата. Вечерва ќе се прикажува во периодот од 18:00 часот до 22:00 часот, со репризи на секој час. Секоја проекција трае 45 минути, по што следи 15-минутна пауза. Проекциите се закажани за 18:00. 19:00, 20:00 и 21:00 часот (последната завршува во 21:45, просторот останува отворен за публика до 22:00 часот)

Македонски






