
Скопје, 14 декемеври 2025 (МИА) – По повеќе од триесет години старата полициска станица во Бутел која се наоѓаше во руиниран објект се пресели во нов реконструиран и полициските службеници добија соодветни услови за работа. Објектот на старата полициска станица и тој до него ќе бидат срушени и на тоа место ќе биде изграден мега плоштад со културен дом.
Премиерот Христијан Мицкоски кој денеска присуствуваше на отворање на реконструираната полициска станица во Бутел им се заблагордари на полициските службеници на нивното трпение што го имале изминативе децении работејќи во стариот објект во субстандардни услови.
Градоначалникот и министерот за внатрешни работи кажаа тоа што е важно да се каже, односно каде работеле повеќе од 30 години полициските службеници, што ќе се случува на местото на тие бараки, каде ќе биде изграден паркот, културниот мултифункционален дом или сето она што треба да се направи, што претставува додадена вредност овде во Бутел. Генерално сите технички параметри беа кажани, јас само сакам да им се заблагодарам на полициските службеници на нивното трпение коишто го имале изминативе децении. Некои таму почнале да работат и се пензионирале во оние услови, видовте каде работеле, тоа се стандарди на се личат само не на зграда на полициска станица, рече премиерот Мицкоски.

Треба, додаде тој, многу трпение сето тоа да се издржи и да се одговори на задачите коишто биле секојдневни.
Градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски изрази задоволство што, како што истакна, старата руинирана полициска станица се заменува со еден пристоен, нов објект за полициските службеници.
Старата полициска станица 30 години наназад, ова го говорам пред се како сведок односно граѓанин на Бутел. па потоа како градоначалник, функцуионираше во подчовечки услови. Полициските службеници секој ден се соочуваа со опасност да им се сруши таванот на глава. Многу структури во минатото ветуваа подобри услови за, но за жал не се оставрија ветувањата, рече Костовски.
Тој изрази благодарност до Владата и Министерството за внатрепни работи што смогнале сили, пред се на полициските службеници да им обезбедат поквалитетни услови за работа, а секако и за граѓаните подобри услови ако имаат потреба од полицијата.

Старите бараки ќе бидат срушени, а срушен ќе биде и објектот до неа. Таму ќе биде изграден мега плоштад на 10 илјади м2 заедно со еден убав културен дом, нешто што на Општина Бутел и требаше подолг период, рече Костовски додавајќи дека за тоа има целосна проектна документација и обезбедени се средства најголем дел од Владата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изрази благодарност до премиерот, градоначалникот на општина Бутел, министерот и заменик мнинистерот за социјална политика, демографија и млади затоа што, како што истакна со заеднички напори за отприлика за година и нешто успеале да ги сменат мизерните услови во кои и граѓаните, но особено полициските службеници функционирле повеќе од 30 години.
Горд сум како член на оваа Влада затоа што за многу краток временски период успеавме да се мобилизираме, да најдеме постоечки капацитети кои не беа ставени во функција, не беа искористени и со минимални средства вложени, со реорганизација успеавме народски кажано со еден потег да решиме повеќе проблеми, односно со ставање во функција на дел од еден полуфункционален објект полициските службеници да добијат пристојни услови за работа, а граѓаните нови управни служби каде ќе можат да ги остваруваат своите права, рече министерот Тошковски.

Македонски






