Skip to main content

Убиство во Виена ја згрози јавноста: Син на украински политичар прво бил мачен, а потоа жив запален

Австрија и Украина се потресени од убиството на синот на украински политичар. Жртвата е 21-годишниот Данило К., студент во Виена и син на заменик-градоначалникот на Харков. Полицијата сега постепено открива како се случило злосторството, пишува „Кроне“.

Ноќта на 26 ноември, детекторите за чад се вклучиле во станбен комплекс во виенскиот Донауштад. На почетокот се сметало дека станува збор за обичен пожар, но набрзо станало јасно дека ситуацијата е многу посериозна. Во целосно изгорен црн Мерцедес, на задното седиште, полицијата го пронашла телото на млад човек.

Жив запален по брутална тортура

На прес-конференција, полицијата ги презентираше првите резултати од истрагата. Според нивните информации, Данило прво бил претепан од негов колега од факултет во подземната гаража на хотелот Софител. Потоа колегата го префрлил во Мерцедес што му припаѓал на таткото на Данило и дополнително го мачел внатре. Неколку часа подоцна, младиот човек бил жив изгорен на задното седиште од автомобилот.

Семејството неуспешно се обидело да го контактира преку неговиот мобилен телефон во тој момент, што им било чудно бидејќи Данило „секогаш бил достапен и сигурен“. Сомневањата се зголемиле кога откриле дека неговите крипто сметки, во кои имал значителна сума пари, одеднаш биле испразнети.

Австриските власти не откриваат колку криптовалута била украдена, но се претпоставува дека станува збор за многу голема сума бидејќи две од крипто сметките на младиот човек биле испразнети кратко време по убиството.

Двајца осомничени, исто така украински државјани (на возраст од 19 и 45 години), биле уапсени минатата сабота во Украина, откако по нив била издадена меѓународна потерница. Кај нив била пронајдена голема количина готовина, што укажува на можноста дека тие брзо ги замениле криптовалутите за готовина.

Поврзани вести