Skip to main content

Граѓани итно бараат дополнителни камери на „Пластичарска“, во Бутел, Сарај и Чаир

На социјалните мрежи кружи петиција од граѓани кои бараат да бидат поставени дополнителни безбедносни камери на булеварот „Никола Карев“ уште познатата како Пластичарка улица, потоа во Бутел, Сарај и Чаир каде што се вози sо недозволиво голема брзина.

Пробниот период на системот „Безбеден град“ почна на први декември кога беа регистрирани 110 илјади прекршоци, додека според информациите од МВР на 2 декември регистрирани се вкупно 50.652 прекршоци, што претставува преполовување на бројот на регистрирани прекршоци. Од нив 48.861 се прекршоци за брзина, 1.366 за црвено светло и 425 за нерегистрирани возила.

„Безбеден град“ за 12 часа во текот на вчерашниот ден регистрирал вкупно 22 600 нови прекршоци од кои речиси 95 проценти или 21 400 за возење побрзо од дозволената брзина. Најмногу 4 300 прекршоци за брзо возење се регистрирани на излез од Скопје кон Тетово, како и на булевар „Никола Карев “ – 3.000 прекршоци. Најголема брзина за која е регистриран прекршок во тест периодот е 209 километри на час.

Како граѓани бараме итно поставување на дополнителни сообраќајни и безбедносни камери на Пластичарска улица (булевар “Никола Карев”), долж целиот нејзин потег. Особено важни се малите раскрсници на оваа улица, каде што секојдневно возачи сечат две полни линии, вршат опасни маневри и прават прекршоци кои остануваат несанкционирани и притоа создаваат огромен сообраќаен хаос. Дополнителен проблем се двете крајни коловозни ленти кои се нефункционални поради паркирани возила! Парадоксално е што само 500 метри пред тој дел камерите строго снимаат и казнуваат за само 2 километри над дозволената брзина, додека сериозните прекршоци на Пластичарска остануваат без никаква контрола, се вели во петицијата.

Во петицијата од граѓаните се бара поставување камери и на раскрсницата каде што возилата од булевар „Словенија” се приклучуваат на Јадранска магистрала (Качанички пат) кон Скопје-Карпош.

Оваа локација е редовна точка на хаос – возачи масовно минуваат на црвено, создаваат метеж и ја загрозуваат безбедноста, а при тоа на местото нема ниту една камера за надзор и за санкционирање, пишува во петицијата.

Се укажува и на сериозната потреба од зголемена контрола и поставување камери во Чаир, Бутел и Сарај, каде што се вози со недозволено голема брзина, а бројот на камери е недоволен за да се обезбеди сообраќајен ред и безбедност за жителите.

Институциите мора да постапуваат рамноправно на сите локации и кон сите учесници во сообраќајот. Ако законот е закон, тој мора да важи за сите еднакво, се вели во петицијата на граѓаните.

Поврзани вести