Skip to main content
Васко Шутаров, директор на македонскиот КИЦ во Белград:

Културата е наше најмоќно оружје во дипломатското претставување на државата во светот

Културата е нашиот главен столб во стекнувњето наклонетост, симпатии и пријателства во меѓународните односи. Среќа е, кога креаторите на македонската надворешна политика, тој факт го познаваат, почитуваат и практикуват, вели Шутаров

На улица „Македонска“ во центарот на Белград е сместен Културно-информативниот центар на Република Македонија. Директор на центарот е Васко Шутаров.

Ништо не спојува како што спојува културата. Таа спојува ненаметливо, затоа што носи емоции… Овој културен центар ќе биде мост за поврзување на двете блиски држави и култури. Со спогодбата за формирање два културни центра во Скопје и во Белград, веќе влеговме во историјата. Се надевам дека и Србија ќе отвори свој КИЦ во Скопје и во тој случај ќе имаме поголема динамика на културна размена меѓу двете држави, рече Шутаров на свеченото отворање на македонскиот КИЦ во Белград.

Шутаров дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, на насоката за дипломатија. Магистрирал во областа на правните науки и применета дипломатија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и докторирал во областа политички науки на истиот универзитет. Бил советник во советот на Општина Гевгелија и пратеник во собранието на Македонија, а автор е на бројни научни трудови и книги.

Шутаров беше директор на Македонскиот КИЦ во Софија од 2011-2017 година, а сега како прв човек на Македонскиот КИЦ во Белград ја продолжува својата мисија на културна дипломатија. Токму за искуствата, проeктите и културната дипломатија говори во разговорот за „Република“.

Македонскиот КИЦ во Белград започнува проект за откривање на македонски ликовни дела од белградските приватни колекции. За каков проект станува збор и што и претставивте на белградската публика? 

Уште пред да дојдам во дипломатска мисија во Белград, преку контакти со блиски луѓе кои добро ја познаваат белградската културна сцена, стекнав одредени сознанија, дека во неколку белградски приватни колекции можат да се пронајдат вистински ремек-дела од видни македонски ликовни уметници, кои ретко или никогаш не биле изложувани и за кои македонската стручна и ликовна јавност, веројатно, многу малку знае. Со моето доаѓање во Белград, преку лични контакти со најголем дел од приватните колекционери кои ми беа посочени, тие првични сознанија ми се потврдија, а од таа прва искра за откривање на тие ликовни дела, се разгоре идејата за еден долгорочен проект наречен „Репрезентативен пресек на македонското ликовно творештво во белградските приватни колекции“, со кој аплицирав во нашето Министерство за култура и туризам и за кој добив поддршка.

За мене лично, во процесот на истражување, фасцинантен беше подадоток, дека освен во ликовните збирки на веќе познати колекционери, бројни дела, посебно од Лазар Личеноски, Никола Мартиноски и Петар Мазев, се сопственост на нивни пријатели, тие дела биле подарувани лично од самите автори и никогаш не биле изложувани или отуѓувани, т.е. продавани на галеристи или колекционери. Посебно фасцинира огромниот опус на Петар Мазев кој може да се пронајде во бројни белградски семејства, во најјголем дел семејства со македонско потекло. Тој ликовен опус е љубоморно чуван од очите на пошироката јавност, но за наша и моја лична среќа, постои расположение кај сопствениците, тие дела да бидат периодично изложувани во галерискиот простор на нашиот КИЦ во Белград, по одредени поводи. Тој успешен процес на градење доверба со сопствениците на дела на македонски ликовни автори, ме охрабри и така дојде до реализација на првиот од серијата планирани изложби, проектот што симболично го нарековме „Откритија“..

Зошто, откритија? Насловот, до кој заеднички дојдовме со нашата позната историчарка на уметноста Викторија Васева Димеска, требаше да биде доволно провокативен, но и да навестува доволно објективен приказ, за првичниот избор на дела, кои сакавме да ги претставиме на јавноста. И така се одлучивме, заедно со колекционерот г-н Игор Станковиќ, за дела од Папрадишки, претставен со портрет насликан кон крајот на 19. век, за Личеноски, со три дела стари повеќе од еден век, дело од Мартиноски насликано пред половина век, исклучително вредни и впечатливи дела од Чемерски, Мазев, Коџоман, Корубин, Луловски, Георгиевски, Матевски и Бајалска. Не би бил чесен ако кажам, дека, не очекувавме ваков интерес и успех кај публиката за вака осмислената ликовна концепција.

Од самото отворање на 25 ноември, до последниот ден предвиден за затворање на изложбата 29 ноември, имавме постојан прилив на посетители, и одлучивме, во договор со господинот Станковиќ, оваа изложба уште некое време да остане во просториите на нашиот Центар во Белград. Морам во овој контекст да се заблагодарам и на големата медиумска поддршка која го следеше настанот, како од македонските, така и од српските медиуми.  

Следниот чекор од овој долгорочен процес за откривање ликовни дела од македонски автори во Белград и во Србија, го планираме за крајот на април 2026 година, кога во рамките на одбележувањето 30 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и Србија, планираме отворање на репрезентативна изложба на Петар Мазев и тоа не само од еден, туку од повеќемина колекционери, за кои имаме увид, и нивно расположене, изложбата да стане реалност.  

Ќе речете дека културата е една од дејностите која има најмногу дефиниции, но и дека ништо не спојува како културата. Вие сте прв човек на македонскиот КИЦ во Белград речиси една година, па какви Ви се впечатоците од овој период? 

Белград е несомнено метропола со исклучителна културна динамика и град со специфична енергија која е препознатлива, заводлива и привлечна за претставниците на македонската култура и уметност. Впрочем, гореспоменатите ликовни уметници, од основоположниците па до претставниците на модерното македонско сликарство, исто така Белград го препознавале како шармантен, интригантнен и провокативен град, каде сакале да се школуваат, да изложуваат, да разменуваат искуства со своите српски колеги. Таков културен динамизам постои и во книжевноста, музиката, театарот, филмот, и ретки се тие денови во кои не се случува некое гостување на македонски уметник во Србија и Белград или обратно, српски уметници кај нас во Македонија.

Првиот настан што го организиравме годинава, а со што и официјално започна со работа нашиот КИЦ во Белград, се случи на 11 април со концерт на нашиот познат женски хор „Менада“ и со ретроспективна изложба на 25 ликовни уметници по потекло од Македонија, кои живеат и творат во Србија. На 16 мај имавме и свечено отворање на Центарот, со концерт на Васил Хаџиманов и Зарина Првасевда, а во присуство на македонскиот и српскиот министер за култура, а во меѓувреме, до последнава изложба „Откритија“, организиравме шест изложби на наши познати ликовни уметници, неколку книжевни настани и серија од исклучително добро посетени музички настани, па можеме слободно да кажеме дека од браздите што првично ги изоравме, веќе можеме да ги вкусиме плодовите од нашата прва година на функционирање како КИЦ во Белград.

До крајот на годината нѐ очекуваат уште два комплексни културни настани, портретот на големиот музички уметник Зафир Хаџиманов, кој токму деновиве го договараме со неговиот син Васил, а подготвуваме и Форум за македонско-српска културна дипломатија, на кој е предвидено да ни гостуваат бројни универзитетски професори од двете земји, претставници на ресорните министерства за култура и надворешни работи, како и претставници на медиумите од Србија и Македонија. 

А поубедлива потврда на тезата што ја спомнавте во прашањево, дека „ништо така не спојува како што спојува културата“, има ли од сево ова наведеново. што ни се случи за неполни 8 месеци работа и од што веќе влечеме одредени поуки?!  

Неуморно работите, сведоци сме на бројни настани кои се реализираат во македонскиот КИЦ во Белград. Впрочем, ова Вам не ви е прво вакво искуство. Веќе бевте прв човек на македонскиот КИЦ во Софија. Можете ли да направите паралела во поглед на активностите? 

Благодарејќи на моето директорување во КИЦ Софија од 2011 до 2017 година, имам стекнато доволно искуство во практикувањето културна дипломатија, а доволно долго и како научник се занимавам со истражувањето на оваа гранка од модерната дипломатија. Иако со задоволство се присетувам на преку 200-те реализирани културни проекти во Бугарија, гледам да не бидам оптеретен со тоа корисно и исклучително успешно искуство-впрочем, обврска и должност на секој добро подготвен културен дипломат е да ги препознае, осознае и дефинира карактеристиките на културолошкиот контекст во кој треба да работи. А колку се и дали се споредливи двете престолнини, и Софија и Белград имаат свои специфичности, па не постои простор за просто пресликувањето на веќе стекнатото искуство. Најпрво и од причини, што во Софија, во 2011 година затекнав културна институција која веќе беше административно, кадровски и програмски дефинирана и препознаена во софиската културна средина-мојата мисија се состоеше во тоа, врз тие добри темели да работам на што поголема афирмација на Центарот, на стекнување нова публика и освојување нови простори со нови содржини, како низ Софија, така и во останатите поголеми културни центри низ Бугарија.

За разлика од Софија, овде во Белград требаше најпрво да се изоди, еден, не баш лесен административен пат за основање на институција од културата во странство, да се изнајде соодветен простор за нејзино непречено функционирање, а истовремено да се создаваат контакти и да се креираат заеднички проекти со нашето Министерство за култура и туризам. Би било неправедно, ако во овој контекст не ја спомнам соработката и поддршката од нашата македонска заедница во Србија, посебно со Националниот совет на Македонците во Србија и секако, нашата Амбасада во Белград. Моето искуство од Софија, што го спомнувате во прашањево, би било драгоцено, ако се искористи во совладувањето на препреките што обично ги следат новооснованите институции во културата, т.н. „детски институционални болести“, кои искрено се надевам, лесно ќе ги совладуваме во периодов што следи. … 
 

Културната дипломатија е мост меѓу народите. Вие сте автор на две книги за културната дипломатија и велите дека културната политика и дипломатија е трет столб на надворешната стратешка политика. Кажете ни нешто повеќе на оваа тема? 

Ви благодарам на ова прашање, но се плашам дека просторов што ни е наменет за овој разгово, би бил претесен, за да Ви кажам сѐ што мислам за актуелните состојби со културната дипломатија во светот, во последниве години. Кога своевремено пишував, во една од моите две книги за културната дипломатија што ги спомнувате, се водев од тогашниот доминантен тренд на признавање на силата на меката моќ во меѓународните односи, што официјално и како програмска определба се декларираше во највисоките акти на Европската унија. Но, за жал, покрај силната декларативна заложба и покрај исклучително влијателните поединечни успеси на француската, германската, италијанската, чешката, полската или шпанската културна дипломатија, на пример, не заживеа во пракса заедничка европска културна дипломатија која ќе им парира на исклучително моќните и продорни кинеска, американска, индиска или јапонска културна дипломатија. Сѐ понагласените повици и акции за демонстрација на тврда дипломатска моќ, во светло на руско-украинскиот вооружен судир, огромните средства кои се вложуваат во нова трка во вооружување во пресрет на евидентното ново прекројување на големата геополитичка мапа, создаваат амбиент во кој се заборава на значењето и моќта на културната дипломатија-иако, токму таа најуспешно може да превенира конфликти или да санира последици во постконфликтни подрачја. Тврдите приврзаници на меката моќ во меѓународните односи, последниве десетина години алармираат за потценетиот статус на културната дипломатија, критикувајќи го третманот што таа актуелно го има во политиките на државите, нарекувајќи ја „Пепелашка во модерната дипломатија“. Надворешните политики на државите, навикнати на тоа дека културната дипломатија вредно, посветено и успешно, самата ќе си ги заврши своите задачи и обврски, а патем, може да биде и непризнаена, недоволно валоризирана, оставена без доволно средства,  сокриена од пиедесталот на успеси и оставена далеку очите на јавноста! А токму во јавноста таму, се наоѓа родното место, и на јавната, и на културната дипломатија.

За среќа, македонската културна дипломатија покажува дека може да биде втемелена на најдобрите културно-дипломатски искуства и практики од странство, дека може да биде конзистентна и секогаш подготвена да и покажува на публиката во регионот, во Европа и во светот, дека културата е нашиот главен столб во стекнувњето наклонетост, симпатии и пријателства во меѓународните односи и наше најмоќно оружје во дипломатското претставување на државата во светот. Среќа е, кога креаторите на македонската надворешна политика, тој факт го познаваат, почитуваат и практикуват.

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести