
Вечерва, 2 декември, во Мала сала на Македонската филхармонија ќе се одржи пијано-рецитал на пијанистот Бобан Мирковски, еден од најистакнатите претставници на новата генерација македонски музичари. Публиката ќе има можност да чуе програма составена од дела на Фредерик Шопен, Камил Сен-Санс и Џорџ Гершвин, трите автори со различни стилови и естетики кои го обликувале развојот на клавирот низ две столетија.
Концертот е замислен како вечер што ги спојува романтизмот, европскиот модернизам и американската музичка традиција, поставувајќи го пијаното како центар на едноставна, но силна концертна експресија. Мирковски, кој важи за изведувач со јасна линија, прецизна техника и современ пристап кон интерпретацијата, ќе ги поврзе овие три авторски светови преку сопствениот пијанистички потпис.
Во пресрет на вечерашниот настап, Мирковски истакнува дека програмата ја гледа како можност за ново читање на добро познатите композиции:
- Оваа програма ја доживувам како патување низ три различни музички јазици — од суптилноста на Шопен, преку јасната конструкција на Сен-Санс, до слободниот ритам на Гершвин. За мене, важен е моментот кога секое дело добива живот на сцената,“ вели Мирковски.
Бобан Мирковски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Симон Трпчески, а постдипломските студии ги завршил кај проф. Александар Сердар. Настапувал на бројни концерти во Македонија и во странство, меѓу кои Вашингтон, Валета, Босковице, Сан Даниеле и повеќе фестивали како „Скопско лето“, „Охридско лето“ и „Скопскиот градски фестивал“.
Како солист двапати се претставил со Македонската филхармонија, а неговата концертна активност вклучува и соработки со уметници како Симон Трпчески и Весна Ѓиновска-Илкова. Мирковски е добитник на повеќе меѓународни награди, меѓу кои лауреатските признанија на „Арс Косова“ и првата награда на „Даворин Јенко“. Има издадено два албума и тоа „Facing the Sun„ во 2021 година и „Албум„ во 2023 со најубавите македонски евергрини во пијано изведба. Паралелно развива и педагошка кариера како професор во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и активно работи како пијанист и аранжер на бројни сценски продукции. Концертот започнува во 20:00 часот, во Мала сала на Македонската Филхармонија.

Македонски






