
Согласно позитивните законски прописи и утврдената пракса во Македонија, Државниот завод за ревизија, преку Агенцијата за филм на РСМ изврши ревизија врз здружение на граѓани, односно Друштвото на филмски работници на Македонија, кое припаѓа на НВО секторот, регистрирано како невладина и непрофитна организација. При извршената ревизија во 2023 година, од страна на Државниот завод за ревизија е констатирано дека не постојат финансиски злоупотреби од страна на Друштвото на филмски работници и Агенцијата за филм на РСМ во делот на доделените средства. Но, истиот констатира дека постапката врз основа на која се добиени средствата, не е поткрепена со правилник и процедури, се наведува во соопштението од Друштво на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
По ова, Агенцијата за филм пристапува кон изготвување на правилник и распишува јавен повик за финансирање на проекти на здруженија на граѓани од областа на филмската дејност.
Во 2025 година пак, иако се имплементирани насоките и забелешките, ДЗР повторно врши ревизија и констатира дека, цитираме:
„Врз основа на донесен Правилник 46 за постапка и услови за распределба на средства за финансирање на здруженија во текот на 2024 година, Агенцијата објавила јавен оглас / повик за финансирање на проектни активности на здруженија од областа на филмската дејност“.
„Врз основа на огласот, пристапено е кон склучување на договор со две правни лица за финансирање на проектни активности на здруженија од областа на филмската дејност за 2024 година, при што се доделени средства во вкупен износ од 2 милиони и 815 илјади денари“.
„По извршен увид во договорите за финансирање и трошоците на проектот за проектни активности, утврдивме дека одобрените средства се наменети за исплата на надоместоци, адвокатски услуги, сметководствени услуги, одржување и ажурирање на веб страна, за закуп на деловен простор, за членување на меѓународни организации, за патување во странство и угостителски услуги и други трошоци“.
„Горе наведеното не е во согласност со член 10 алинеја 8 од Законот за филмската дејност кој предвидува „соработка на Агенцијата со здруженија од областа на филмската дејност“ но не и финансирање на нивното работење и има влијание врз законското и наменско користење на средствата“.
Друштвото на филмски работници на Македонија укажува дека со овој извештај ДЗР навлегол во делот на стручно оценување на проектните активности поврзани со унапредување на македонската кинематографија и развој на филмската дејност, што не е негова надлежност. На овој начин ДЗР се обидува да го поништи мислењето на стручните тела на АФРСМ, во случајов – уметничкиот совет сочинет од филмски професионалци и истакнати личности од областа на културата, чија компетенција и кредибилитет се неспорни.
Патем, со таквите оценки изнесени во извештајот на ДЗР, директно и индиректно се нанесува штета на најстарото филмско друштво во Македонија, кое повеќе од 75 години ги застапува интересите на сите филмски творци, автори и работници и заедно со Друштвото на писателите и Друштвото на ликовните уметници, претставува темел на македонската култура.
Укажуваме и посочуваме дека соработката помеѓу АФРСМ и ДФРМ е во согласност со член 10 став 8 од законот за филмска дејност и во согласност со правилникот изготвен од страна на АФРСМ. Ваквиот начин на соработка не е случај само во нашата држава, туку тоа е пракса во сите европски кинематографии.
Очигледно е дека ДЗР не ја разбира природата и начинот на функционирање на граѓанските здруженија. Но, во истовреме сме согласни и дека нема потреба да разбира материја која е вон опсегот на надлежности на оваа институција.
Наместо генерирање на извештаи кои содржат делови кои се непотребни и тенденциозни, го упатуваме ДЗР да се фокусира кон вистинските проблеми кои ја засегаат македонската култура и филм, а за кои постојат видливи докази и за кои се оформени предмети со кои се занимаваат секторите за финансиски криминал и Основното јавно обвинителство.

Македонски






