Skip to main content

Нови дигитални алатки на грчката Влада за заштита на малолетниците од алкохол и тутунски производи

Електронски регистар за приватни настани, забави, матурски прослави итн, со планирано присуство на малолетни лица; електронски регистар за контрола на продажба на тутунски производи и алкохол, како и безбеден механизам за проверка на реалната возраста на купувачите на конкретните производи, се трите нови дигитални алатки на грчката Влада за зголемување на ефикасноста на контролите за забраната за продажба на алкохолни пијалаци и тутунски производи на малолетници, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека новите дигитални алатки биле презентирани на состанокот што во понеделникот го свикал премиерот на Грција Киријакос Мицотакис со присуство на надлежните министри.

Првата алатка е електронски регистар, преку кој бизнисите што организираат приватни настани со планирано присуство на малолетници ќе мора претходно да го пријавуваат типот на настан, односно дали станува збир за матурска прослава, забава и сл. заедно со датумот на одржување.

Поднесената пријава, која потоа треба да биде потврдена од домаќинот на настанот, автоматски ќе создава приватен договор меѓу двете страни, со цел да се олеснат таргетираните контроли и да се спречи практиката угостителски објекти што продаваат алкохол, вонредно да дозволуваат влез на малолетници во рамки на непријавени приватни настани, со што во некои случаи се заобиколува законот.

Втората дигитална алатка е електронски регистар за контрола на тутунски производи и алкохол, при што секоја продавница што продава такви производи ќе треба да ги пријави категориите на производи што ги нуди, со што ќе бидат регистрирани сите продажни точки во земјата за полесни контроли.

Третата алатка се однесува на безбеден механизам за верификација на возраста на оној што сака да купи тутунски производи или алкохол од продавница, а проверката ќе се врши со скенирање QR-код од веќе постоечката апликација за деца „KidsWallet“.

Грчкиот премиер на состанокот потсетил дека во јули годинава беше усвоен законот со кој се забранува продажба на тутунски производи и алкохол на малолетници, а сега ги користат сите алатки што се на располагање за инспекциските служби и полицијата да имаат можност овој закон да се спроведе.

Особено сакам да се задржам на дигиталната алатка за потврда на реалната возраст на купувачите. Технологијата денес ни овозможува оваа проверка да се изведе многу лесно. Да нагласам дека во поглед на дигиталната верификација на возраста на грчките граѓани, Грција е на првата линија во Европа. Оваа технологија ќе ни биде од голема корист и за идните одлуки во врска со пристапот на малолетници до социјалните мрежи – посочи Мицотакис.