Невладините организации и здруженија, в сабота во 12:30 часот, повторно ќе организираат протестен марш пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), за правото за чист воздух. Оттаму протесниот марш ќе продолжи кон Собранието, потоа кон Владата и ќе заврши пред бараките на Град Скопје.
Од „Зелен хуман град“ велат дека се поминати речиси три недели од претходниот протест, кој се одржа на 10 декември и дека и по две недели откако се доставени барањата до институциите на 16 декември, одговор од институциите нема.
Без чист воздух, нема здравје. Без здравје, нема живот. Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките – нагласуваат од „Зелен хуман град“.
Тие бараат итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки што ќе го заштитат здравјето на граѓаните и ќе го подигнат квалитетот на животот.
Секоја година, околу 3.828 луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2,5. Ова претставува 17,7 % од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот што едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.