
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека неговиот фокус останува на реформите и дигитализацијата, без разлика на евентуалната реконструкција на Владата, нагласувајќи дека „важно е вистинските луѓе да испорачуваат резултати, а не кој каде седи“.
Моја задача е да испорачувам резултати – не само за партијата, туку за државата и Владата. Направивме големи чекори од стратегии и закони до услуги за граѓаните и политики за сајбер-безбедност. Тоа ќе го продолжам додека имам доверба да бидам министер,“ изјави Андоновски.
Министерот додаде дека евентуалната реконструкција е „помалку важна“, бидејќи приоритет се резултатите и сервисот за граѓаните.
Андоновски истакна дека Македонија е технички подготвена за почеток на преговорите со Европската Унија, но дека политичките прашања и нерешениот спор со Бугарија го одложуваат процесот.
Извештајот на ЕУ покажува дека сме напредни во повеќе поглавја. Сигурен сум дека ако утре ги започнеме преговорите, Македонија ќе ја претрка Албанија и Црна Гора,“ рече министерот.
Тој објасни дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ нудат конкретни алтернативи за надминување на застојот – вклучително и одложување на уставните измени или барање гаранции од Бугарија за признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур.
Не очекуваме ‘булдожер дипломатија’. Нам ни треба креативност и партнерски однос со ЕУ,“ додаде Андоновски.
Министерот најави отворање на Владин центар за одговор на сајбер инциденти, кој ќе ја следи безбедноста на владините системи и ќе реагира навремено при сајбер-напади.
Ова е вистинска имплементација на националната стратегија за сајбер-безбедност. Очекуваме сериозен развој во 2026–2027 година, со изградба на владина оптичка мрежа и примарен дата-центар,“ рече тој.
Андоновски додаде дека земјата покажува капацитет за користење европски средства:
Преку програмата ‘Еразмус’ аплициравме повеќе отколку што ЕУ можеше да финансира. Сега имаме три нови ИПА-проекти во подготовка.“
Министерот најави неколку конкретни дигитални решенија:
Дигитални лични документи преку апликацијата „М Услуги“, која ќе им овозможи на граѓаните електронски пристап до лична карта и возачка дозвола.
Проект „Е-Бебе“, кој ќе овозможи институциите автоматски да ги прибавуваат потребните уверенија, без граѓаните да поднесуваат документи.
Целта е сите јавни услуги да станат достапни онлајн. Веќе имаме тест верзија на ‘М Услуги’ со над две илјади симнувања во првите 24 часа,“ изјави Андоновски.
Андоновски потврди дека Македонија е на чекор до вклучување во роаминг зоната на Европската Унија.
Со новиот Закон за електронски комуникации исполнети се 99% од условите. Нашата цел е граѓаните да ги користат мобилните услуги во странство под исти услови како дома,“ рече министерот.
Тој најави дека постапката за избор на трет мобилен оператор е во завршна фаза, што ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе ги намали цените на услугите.
Министерството за дигитална трансформација, според Андоновски, поднело петнаесет кривични пријави за злоупотреби од претходни раководства, од кои пет веќе се во судска постапка.
Сè се работи транспарентно и без политички притисоци. Не снимаме апсења, туку доставуваме аргументирани предмети. Борбата против корупција започнува од сопствениот двор,“ нагласи министерот.
Говорејќи за партијата, Андоновски истакна дека очекува сплотен и реформски Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во декември, со цел зајакнување на кадровскиот потенцијал и подготвување на долгорочна стратегија.
ВМРО-ДПМНЕ мора постојано да се обновува ако сака да ја задржи власта. Сега одговорноста е само на нас, и граѓаните имаат само едно име и презиме за сите резултати,“ рече тој.
Министерот оцени дека соработката со коалициските партнери е солидна и дека локалните институции покажуваат силен мандат од граѓаните.

Македонски








