Skip to main content

Трагедија во Тузла: 11 загинати во пожар во Дом за стари лица, јавноста бара одговорност

Трагедија ја потресе Босна и Херцеговина – 11 лица загинаа, а 35 побараа медицинска помош во пожарот што синоќа го зафати Домот за стари лица во Тузла. Огнот избувнал на седмиот кат од зградата, а според информациите, меѓу загинатите имало неподвижни лица со сериозни здравствени проблеми.

Градоначалникот на Тузла, Зијад Лугавиќ, потврди дека меѓу повредените има жители и вработени во домот, како и полицајци, пожарникари и медицински техничари кои учествувале во спасувањето. Според неофицијални податоци, тројца од повредените се во критична состојба.

На местото на трагедијата и утрово има силно полициско присуство. Дел од жителите на домот се префрлени на долните, необезбедени катови, кои не биле зафатени од пожарот.

Предупредувања што никој не ги слушна

Трагедијата во Тузла отвори низа прашања за условите во Домот за стари лица, особено за одлуката најтешко болните и неподвижните лица да бидат сместени на повисоките катови, каде што избувнал пожарот.

Медиумот Кликс потсетува дека со години се укажувало на проблемите во установата – влага, несоодветна храна, лоши хигиенски услови, мобинг и нестручно раководење – но реакција од надлежните изостанала.

И покрај предупредувањата, раководството предводено од директорот Мирсад Бакаловиќ (СДП) во јануари ја зголеми цената на сместувањето за 30 проценти, без да се подобрат условите.

Јавноста бара одговорност

Пред само два месеци, советничката Драгана Гагро Берберовиќ од Нашата партија јавно проговори за состојбата во домот и сподели видео и фотографии што ја вознемирија јавноста. Наместо да се реагира на укажувањата, раководството покрена постапка против неа.

„Администрацијата имаше доволно време да ја подобри ситуацијата, но не направи ништо. Ова не е медиумска сензација, туку прашање на достоинство и човекови права“, предупреди тогаш Нашата партија.

Советничката порача дека условите во домот се „понижувачки за човечко достоинство“ и дека граѓаните имаат право да бараат подобри стандарди за своите највозрасни сограѓани.

Истрагата продолжува

Во тек е истрага за причините на пожарот, а јавноста бара и одговорност од институциите кои со години ги игнорирале укажувањата за лошите услови во домот.

Трагедијата во Тузла повторно го отвори прашањето:
Како државата се грижи за најранливите граѓани и зошто алармите биле занемарени – сè до најцрниот епилог?

Поврзани вести