Skip to main content

Перински: Нема да дозволам моето име и презиме да фигурира во некој внатрепартиски конфликт

Вчера се одржа првата консултативна средба во Битола за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа. ЗЕЛС практично е сочинета од сите градоначалници. Генерално имаме став и тие ги подржуваат измените на Законот за локална самоуправа, затоа што на тој начин ќе ги превенираме девијантните однесувања на дел од градоначалниците, малку по број, но за жал ги имаме во насока на неконструктивност према своите гласачи што навистина е поразително, изјави вечерва во Тема на денот, министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Тој вели сите се во иста линија, а нормално, постојат технички забелешки и коментари.

Но, токму затоа ги правиме овие јавни дебати, за да најдеме условно кажано едно најџентлменско законско издржано решение кое ќе треба да се применува во годиниве што следат. Максимално сум посветен на сегашната функција, особено сега кога фокусот ми е на прашањето околу законските измени кои ги отвораме после 20 години од примената на Законот. Зошто изразив амбиција за градоначалничкото столче? Затоа што ги знам сите проблеми со коишто се соочува Градот и јавните претпријатија и на дневна основа комуницирам со сите оние коишто се засегнати“, рече Перински.

Министерот додаде дека, после октомври, кој и да биде новиот градоначалник, ќе се соочи со многу работи кои ќе излезат на површина и на виделина, а кои сега не се гледаат, а се реалност.

На Градот му треба системски пристап на решавање на проблемите кој во целост ќе го реши јавниот превоз, кој пак е врзан со проблемот со загадувањето, кој пак зависи и од локалната и од централната власт и двете нивоа на власт треба заеднички, паралелно да го решаваат ова прашање. Имам многу идеи во глава, направив апсолутно целосно модел за рекомпонирање на јавните претпријатија, за зголемување на функционалноста во испораката на услугите кон граѓаните, но и за поголема ефикасност и ефективност на работните процеси. Како ќе одлучи мојата партија, така и јас ќе ја почитувам таа одлука. Кој и да биде потенцијалниот кандидат, препорачан од страна на мојата партија, јас сум сигурен дека е извесно дека тој ќе биде новиот градоначалник на Град Скопје“, посочи министерот.

Тој рече и дека ги охрабрува сите колеги кои имаат амбиции за градоначалничкото столче дури и оние кои не размислувале на таа тема.

„Така ќе продуцираме квалитет, добро е да имаме повеќе потенцијални кандидати, тоа е здрав процес. Колку повеќе луѓе ќе се вклучат, толку подобар и посоодветен кандидат ќе избереме. Јас во ниту еден случај нема да дозволам моето име и презиме да фигурира во некој внатрепартиски конфликт, не гледам потреба од такво нешто, ниту пак ќе дозволам тоа да се случи“, дециден е Перински.

Поврзани вести