Skip to main content

Трамп пристигна во Израел, Хамас ги ослободи заробениците

Доналд Трамп пристигна во Израел додека Хамас во две фази ги ослободуваше преостанатите 20-мина живи израелски заложници. Израелската војска потврди дека ги презела заложниците, додека илјадници луѓе славеа, се гушкаа и плачеа на Плоштадот на заложниците во Тел Авив, каде што постојано имаше демонстрации откако почна војната пред две години.

Израелскиот претседател Исак Херцог и премиерот Бенјамин Нетанјаху го пречекаа Трамп на пистата на аеродромот во Тел Авив. Тој денеска ќе се обрати во израелскиот парламент Кнесет во Ерусалим и ќе се сретне со семејствата на некои заложници, пред да учествува на меѓународен мировен самит во Египет, каде што треба да се финализира договорот за крај на војната во Газа. Се очекува на самитот да присуствуваат над 20 светски лидери, вклучувајќи го и палестинскиот претседател Махмуд Абас.

„Војната заврши, океј? Мислам дека луѓето се уморни од неа и затоа верувам дека примирјето ќе се одржи“, рече Трамп на летот за Израел.

Запрашан по доаѓањето во Израел дали би сакал да ја посети Газа, Трамп кажа:

„Ја знам Газа многу добро и без да ја посетам. Би сакал да го направам тоа, би сакал барем да стапнам во Газа. Мислам дека тоа ќе биде големо чудо во наредните децении. Ако одите пребрзо, нема да биде добро. Мора да одите со вистинската брзина“.

Хамас утрово ослободи седуммина заложници, а потоа уште 13-мина. Се очекува денеска да бидат предадени и останките на 28-темина мртви заложници, додека судбината на двајца не е позната. Во текот на денот, Израел ќе ослободи 250 Палестинци осудени на долги затворски казни и 1.700 жители на Газа притворени по 7 октомври 2023, вклучувајќи 22 деца.

Ослободувањето на заложниците и затворениците е еден од најважните делови од првата фаза на договорот за прекин на огнот склучен минатата недела во египетското одморалиште Шарм ел Шеик. САД посредуваа во договорот заедно со Египет, Катар и Турција, а во следната фаза се бара формирање меѓународен одбор за мир предводен од Трамп. Сепак, двете страни сè уште не ги договорија натамошните чекори од планот од 20 точки. Тие ги вклучуваат управувањето со разурнатиот Појас Газа откако ќе завршат борбите и конечната судбина на Хамас, кој ги отфрла барањата да се разоружа.

Поврзани вести