Skip to main content

Уметничка резиденција на грчкиот актер и режисер Емануел Константинидис во МНТ

Неодамна, МНТ стана дел од најпрестижната театарска мрежа – Европската театарска конвенција (ETC), која обединува 63 театри од 31 земја. Со ова членство, МНТ се приклучи кон семејството на најголемите и највлијателни театри во Европа, со отворени врати за копродукции, размена на претстави, резиденции на уметници и нови европски проекти.

Првиот резултат од оваа соработка е уметничка резиденција на грчкиот актер и режисер Емануел Константинидис, кој ќе престојува во Скопје се до 15 ноември.

Во неговата агенда за време на престојот е и организација на работилница под негово менторство. Во таа насока, МНТ објавува јавен повик за учество на интензивна петдневна перформативна работилница под наслов „Левијатан: Студија за суштества и апсурдот“, со режисерот Емануел Константинидис, кој престојува на уметничка резиденција во МНТ.

Работилницата „Левијатан: Студија за суштества и апсурдот“ ги повикува учесниците на длабоко истражување на митот, хаосот и создавањето. Овој интензивен петдневен процес ги комбинира перформативните алатки со уникатниот уметнички израз на секој учесник, создавајќи колективен експеримент во нови форми на театар и нарација.

Левијатан е моќно митолошко суштество кое често се поврзува со хаос, уништување и гнев. Некои интерпретации го претставуваат како демон – олицетворение на лутина и емоционална бура, како неконтролираниот хаос на морето. Во овој контекст, Левијатан станува метафора за ослободениот гнев – огромна, примордијална сила со која мора да се соочиме, да ја претставиме и трансформираме. Преку перформанс, учесниците ќе го истражуваат апсурдното, чудовишното и непознатото во себе и во своите креативни практики. Работилницата ќе ги отвори прашањата: како митот за Левијатан одекнува во современиот живот, на кои начини хаосот, уништувањето и гневот се манифестираат во нашето секојдневие и едноставно – што нè прави лути.

Работилницата ќе се одржи во просториите на Македонскиот народен театар во следниот распоред: вторник, 21 октомври од 13 до 17 часот; среда, 22 октомври од 13 до 17 часот; четврток, 23 октомври од 13 до 17 часот; петок, 24 октомври од 13 до 17 часот и сабота, 25 октомври од 11 до 15 часот.

Пред почетокот на работилницата, на секој учесник ќе му биде испратен краток текст за учење. Се препорачува носење удобна облека, бидејќи процесот вклучува интензивно физичко движење.

Добредојдени се актери, танчери, перформери и други уметници, кои сакаат да ги прошират креативните и изведувачките хоризонти. Нема старосни ограничувања. Од учесниците се очекува целосна посветеност за време на истражувањето и активна вклученост во перформансот. Работилницата претставува безбедно и инклузивно место за сите учесници, во дух на меѓусебна почит и уметничка слобода.

За учество, заинтересираните треба да испратат кратка биографија (CV) со фотографија на адресата leviathanworkshopmnt@gmail.com најдоцна до петок, 17 октомври. Сите пријавени кандидати ќе бидат известени на 18 октомври. Бројот на учесници е ограничен на 15.