Skip to main content

Османи: Не е само Чаир во прашање, ова е и национално прашање

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на митингот вечерва во Гази Баба порача дека граѓаните се наоѓаат пред историски момент и избор меѓу продолжување на понижувањето и нов почеток што ќе ја врати надежта во општината и во државата, информираат од изборниот штаб на Османи преку соопштение што МИА го објавува интегрално.

„Во секоја задача што сум ја имал, дури и најтешките, сум излегол со резултати. Затоа што, ако продолжиме вака, нема да има повеќе надеж. Луѓето ќе ја изгубат надежта, една група ќе продолжи да се богати на ваш грб, како што тоа го прави дваесет години, а нашите деца ќе ја бараат првата можност да го напуштат Чаир“, рече Османи.

Тој повика на заедничко дејствување за да се запре оваа состојба на неправда и деградација.

„Ова мора да го запреме заедно. Затоа ви ја барам вашата поддршка да кажеме ‘доста е’, затоа што не ја заслужуваме оваа деградација и понижување“, изјави Османи.

Тој оцени дека состојбата во Чаир е само дел од поширокиот проблем на поништување на правата и економската нееднаквост на Албанците.

Не е само Чаир во прашање, ова е и национално прашање. Ни ја одзедоа дијаспората, ни го укинаа Балансерот, ни го укинуваат и јазикот. Денес ги видов бројките: од 250 милиони евра од унгарскиот кредит, нема ниту една албанска компанија. Ниту една. Што треба уште да ни направат за да кажеме ‘доста е’“, истакна Османи.

Тој рече дека 19 октомври е „ден на народот“ и дека народот ќе покаже дека не сака повеќе да биде оставен по страна. Османи нагласи дека неговата мотивација не е лична, туку произлегува од чувство на одговорност и обврска кон граѓаните на Чаир.

„Оваа голема одговорност во која влегов без никаков личен интерес, не за мојата политичка кариера, не за каков било интерес, туку затоа што оценив дека сега е времето секој од нас да излезе од удобноста и да ја запре оваа состојба во Чаир“, рече Османи.

Поврзани вести