Како и секоја година, објавено е рангирањето на најмоќните пасоши за 2024 година, а Обединетите Арапски Емирати четврти пат по ред се на првото место.
Македонскиот пасош е на средината на листата, а ако се спореди со земјите од Балканот кои не се членки на ЕУ, нашиот пасош е зад српскиот, а пред албанскиот, турскиот, косовскиот, и оние на БиХ и Црна Гора. Пасошите на Грција, Бугарија и Хрватска се далеку повисоко рангирани.
Овој глобален индекс го мери бројот на земји во кои граѓаните можат да патуваат без виза, а граѓаните на ОАЕ имаат пристап до импресивни 133 земји без визи и дополнителни 47 земји со виза по пристигнувањето, што покрива повеќе од 90 отсто од светот.
Шпанија ја престигна Германија и стана втор најмоќен пасош, додека Финска забележа раст и го зазеде третото место заедно со Франција, Германија, Белгија, Италија, Данска, Холандија, Луксембург, Австрија, Португалија, Норвешка, Швајцарија, Грција и Ирска.
Четвртото место го делат Шведска, Полска и Унгарија, а петти се Чешка, Јужна Кореја, Естонија, Хрватска и Словачка.
На шестото место се Јапонија, Словенија, Летонија, Нов Зеланд и Лихтенштајн.
На седмото место се Сингапур, Малта, Обединетото Кралство, Канада, Литванија, Романија, Бугарија и Австралија.
Пасошот на Македонија заедно со Ел Салвадор, Гватемала и Таиван е на 34. место.
Најмоќните пасоши за 2024 година:
- Обединети Арапски Емирати
- Шпанија
- Финска, Франција, Германија, Белгија, Италија, Данска, Холандија, Луксембург, Австрија, Португалија, Норвешка, Швајцарија, Грција, Ирска
- Шведска, Полска, Унгарија
- Чешка, Јужна Кореја, Естонија, Хрватска, Словачка
- Јапонија, Словенија, Латвија, Нов Зеланд, Лихтенштајн
- Сингапур, Малта, Обединетото Кралство, Канада, Литванија, Романија, Бугарија, Австралија
- САД и Исланд
- Кипар
- Малезија и Монако