
Синоќа во Националната опера и балет се одржа свечен концерт по повод 100 години од раѓањето на грчкиот композитор Микис Теодоракис.
На присутните на македонски јазик им се обрати амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду која им посака добредојде и посочи дека универзалноста на музиката на Теодоракис е она што и денес ја прави блиска и разбирлива за сите генерации. Таа носи порака што ги надминува границите и културните разлики и ги поврзува луѓето низ емоцијата, уметноста и заедничките вредности, изјавија организаторите на концертот.

На сцената грчките музичари Клеоники Демири (вокал), Акилиас Гуастор (пијано), Лефтерис Гривас (хармоника) и Димитрис Куфогиоргоc (мандолина и бузуки). претставија избор од најзначајните дела на Теодоракис – од познатите филмски теми до помалку изведуваните композиции што го откриваат целото богатство на неговиот опус, а публиката ракоплескаше ви ритамот на музијата, пееја, а дел од нив и се качија на бината и одиграа традиционален танц.

Демири е позната по своите интерпретации на големите имиња од грчката музика и настапи на бројни сцени во Европа, додека нејзините соработници се искусни инструменталисти со богата концертна кариера, чија изведба се карактеризира со прецизност и автентичен звук. Концертот е културен настан што ја нагласува трајната вредност на уметноста и нејзината способност да обединува, а се реализираше во организација на Баги комуникации во соработка со Амбасадата на Грција во Cеверна Македонија.
Микис Теодоракис (1925–2021) е еден од најголемите композитори на 20 век. Неговото име е нераскинливо поврзано со музиката за филмот „Гркот Зорба“, која стана светска икона, но и со партитури за „Серпико“ и бројни симфонии, ораториуми и камерни дела. Паралелно со неговото уметничко творештво, Теодоракис остана запаметен и како симбол на демократските идеали, што ја претвори неговата музика во универзален јазик на надеж и достоинство.