Skip to main content

Во Кавадарци се одржа предавање за заштита и превенција од карцином на грло на матка 

Предавање за заштита и превенција од карцином на грло на матка  насловено „Превенција и рано откривање на карцином на грло на матка“ беше реализирано денеска во Кавадарци. Целта е, како што беше кажано, не само да се информира, туку и да се поттикне свест, да се охрабрат жените да се грижат за себе, да одат на редовни гинеколошки прегледи, да се вакцинираат против ХПВ и да ги препознаваат раните симптоми. Настанот беше организиран од Здружение за родова еднаквост ,,Визија“, во рамките на проектот „Караван за женско продуктивно здравје“, што го спроведува Сојуз-Национален совет за родова рамноправност, со финансиски средства на Австралиска амбасада. 

Повеќе од кога било, е клучно да зборуваме отворено и гласно за предизвиците со кои се соочуваат жените во областа на здравјето. Карциномот на грлото на матката претставува една од најчестите форми на рак кај женската популација, но и тука е нашата надеж, тој е еден од најпревентабилните облици на рак, доколку се открие навреме и се преземат соодветни мерки, рече Благица Коцева Тодорова, претседателка на „Визија”. 

Таа истакна дека е важно да се нагласи дека превенцијата не е само медицинско прашање, таа е и општествена одговорност, бара едукација, поддршка од семејството, здравствените институции и пошироката заедница.

Пред присутните говореше докторката гинеколог Надица Гурева, која ги запозна подетално за овој проблем и околу  навремената заштита. Тие имаа можност да поставуваат и прашања. 

Се надевам дека сите ќе излеземе одовде побогати со знаење и повнимателни кон сопственото здравје и здравјето на жените околу нас, подвлече Коцева Тодорова. 

На настанот беше кажано дека е посветен на една од најважните теми, женското здравје, со посебен фокус на заштитата и превенцијата од карцином на грлото на матката.

Поврзани вести