
Некои вештачки засладувачи, кои често се додаваат во производите означени како здрави – како нискокалоричен сладолед, протеински барови и диетални пијалаци – можат да го зголемат ризикот од мозочен удар и од оштетување на мозочните функции, предупредуваат научниците.
Истражување спроведено од Универзитетот во Колорадо укажува дека засладувачот еритритол, кој често се наоѓа во ароматизирани води и производи без шеќер, може да предизвика воспаление и создавање згрутчувања на крвта, дури и во мали количини. Овие процеси можат директно да влијаат на срцевото и васкуларното здравје, зголемувајќи го ризикот од срцев или мозочен удар.
Според коавторката на студијата, Обурн Бери, во лабораториски услови, изложеноста на мозочните клетки на еритритол во концентрации слични на оние во типичните диетални пијалаци довела до намалена продукција на азотен оксид – молекула која ги релаксира крвните садови – и зголемено ниво на протеини кои предизвикуваат нивно стеснување.
Тоа значи дека крвните садови стануваат потесни, а способноста за разградување на згрутчувањата се намалува, што значително го зголемува ризикот од тромбоза и мозочен удар.
Нашата студија се придружува на сè поголемиот број докази дека т.н. ‘безбедни’ засладувачи без калории можат да имаат неочекувани и скриени последици по здравјето“, изјави проф. Кристофер ДеСуза, водечки истражувач на студијата, објавена од Daily Mail.
Совет за потрошувачите:
Внимавајте на составот на прехранбените производи, особено ако се означени како „диетални“ или „без шеќер“. Засладувачите како еритритол можеби се нискокалорични, но според новите истражувања – не се и безопасни.
Извор: Убавина и здравје